29.01.2013, 16:51 Хрватска избра клапа, Србија ќе одлучува на „Беовизија“
Имињата на евровизиските адути на нашите соседи полека се откриваат. На конкурсот за „Беовизија“, националниот евровизиски избор на Србија, пристигнале 171 песна, а најдобрите 15 ќе бидат изведени на фестивалот на кој ќе се избира претставникот на Србија на годинешното издание на изборот за Песна на Евровизија, што ќе се одржи од 14 до 18 мај во Малме, Шведска. Нашите соседи ќе го избираат победникот на 2 и 3 март и тоа преку СМС-пораки - првата вечер од 15 композиции ќе бидат селектирани најуспешните пет, кои ќе бидат изведени на втората фестивалска вечер кога ќе се дознае и победникот. Ќе се гласа исклучиво преку пораки, односно гледачите се тие што ќе го имаат последниот збор.
Во Хрватска, пак, сосема е извесно дека по изборот на композицијата за Малме („Мизерија“ од Горан Тополовац), ХРТ моментно одлучува за нејзин изведувач, а веќе се знае дека во Шведска ќе патува клапа, составена од шестмина изведувачи. Според пишувањата на евровизиската веб-страница Esctoday.com, хрватскиот национален сервис веќе ги избрал претставниците на Хрватска и наскоро ќе ги објави имињата кои ќе ја сочинуваат клапата. Се знае дека станува збор за добро познати и афирмирани артисти, кои заедно ќе се обидат во Шведска да го подобрат пласманот на Хрватска на Евровизија во последниве години.
Што се однесува до Македонија - во тек е изборот на композиција со која Влатко Лозаноски-Лозано и Есма Реџепова-Теодосиевска ќе не' претставуваат на 58. издание на Евровизија во Шведска. Се очекува композицијата да биде претставена во специјална емисија на МТВ кон крајот на февруари. (К.Ш.) |