12.12.2012, 16:41 Обама ја призна сириската опозиција
Главната опозициска коалиција е „леги��имен претставник“ на сирискиот народ
Претседателот Барак Обама изјави дека САД сега и официјално ја признаваат главната опозициска коалиција во Сирија како „легитимен претставник“ на сирискиот народ.
Обама изјави за Еј-Би-Си њуз дека Националната коалиција е доволно сеопфатна, ја отсликува и е репрезентативна за САД да го преземат овој „голем чекор“. Велика Британија, Франција, Турција и заливските држави веќе ја признаа. Русија соопшти дека САД се одлучиле „да се обложат“ на коалицијата за да постигнат „вооружена победа“.
Обелоденувајќи ја одлуката на САД да ја признаат главната сириска опозиција, Обама изјави дека таа го заслужила правото да го претставува сирискиот народ, но, исто така, излезе со забелешка за внимателност.
Националната коалиција за сириските револуционерни и опозициски сили беше формирана минатиот месец и само мал број земји досега ја признаа како легитимен претставник на Сиријците. „Очигледно, со тоа признавање доаѓаат и одговорности“, изјави Обама. „Да бидат сигурни дека ефикасно се организирале, дека се претставници на сите засегнати страни и дека се посветени на политичка транзиција што ќе ги почитува правата на жените и малцинствата“.
Рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров, изразувајќи изненадување од објавата, изјави дека САД се одлучиле „да ги стават сите свои облози на вооружена победа на Сириската национална коалиција“.
Изјавата на претседателот Обама дојде во време кога министрите за надворешни работи од 70 земји вчера се подготвуваа за средба во Мароко за да дискутираат за ситуацијата во Сирија. Средбата во Маракеш ќе биде првпат на конференцијата „Пријателите на Сирија“ да присуствува и Сириската национална коалиција.
|