14.10.2011, 14:49 Муса Џафери: Да се разгледаат сите фактори за пропаѓањето на пописот
Вицепремиерот за Рамковниот договор на денешниот брифинг со новинарите запрашан за прекинот на пописот во Македонија.
Секој одговор дека ние не чувствуваме одговорност за пописот нема да звучи сериозно. До која мерка, поради што, тоа е предмет на анализа. Ние не бегаме од тоа. Од првиот ден кога се договоривме дека ќе бидеме дел од власта ја прифативме одговорноста за сите работи. Но, треба да ги разгледаме сите фактори зошто се случи тоа и зошто целиот процес отиде во тој правец. Нема да биде дозволено да влеземе во друга фаза без да бидеме подготвени.
Ова го одговори вицепремиерот за Рамковен договор Муса Џафери на денешниот брифинг со новинарите запрашан за тоа кој ќе ја сноси политичката одговорност за прекинот на пописот во Македонија.
Тој смета дека нема потреба од лидерска средба за пописот и додава дека лидерот на ДУИ Али Ахмети и премиерот Никола Груевски се во редовна комуникација.
Колку чини неуспешниот попис, како што истакнува Џафери, ќе се покаже со анализите. - Ако се докаже дека целата ситуација загрозува нешто што е поважно од пописот, тука е одговорноста на Владата и на институциите да го запре тој процес, додава Џафери. На прашањето што е тоа што се загрозува, тој вели дека меѓуетничките односи за него се приоритет.
Џафери информира дека на седницата на Владата на која се расправаше за пописот не станало збор за тоа кога би можел да се случи пописот во Македонија.
Според него, најнапред ќе се направат анализи зошто пропадна, а потоа ќе се оди на подготовки за следен попис. - Нема да се брзаме со отворање на нова фаза. Ќе анализираме зошто, како...ќе направиме други приоритети. Тогаш ќе видиме кога, со каков закон ќе имаме попис... Според мое мислење тоа не е најголемиот приоритет. Приоритет ни е решавање на спорот со името со Грција, вели вицепремиерот.
Во разговорите за името Џафери вели дека тие не треба да бидат натпревар кој е патриот, а кој потврд во своите позиции. - Сите сме свесни дека тоа е најголемиот предизвик, како тоа ќе се реши. Важно е дека перманентно има отворен дијалог. Свесни сме дека и Грција се соочува со многу тешка и финансиска ситуација и дека тие не се во некое расположение приоритетно да се занимаваат со таа проблематика, рече тој посочувајќи дека би било добро прашањето да биде затворено пред пролетниот самит на НАТО.
Во однос на Извештајот за напредокот на земјата вели дека има делови од кои не сме задоволни, оти малку е депримирачки за јавноста што третпат добиваме препорака, но не и датум за почеток на преговори. Сепак, додава вицепремиерот, ние треба да бидеме упорни во тој процес и да ги пребродиме тие пречки.
Вицепрмиерот Муса Џафери изјави дека се прави распределба на етничките Албанци вработени во администрацијата кои не доаѓаа на работа и најави дека есенва ќе биде распишан конкурс за уште 300 вработувања во администрацијата на лица од немнозинските заедници.
- Имаме заклучоци од Влада во која бројка ќе се распределат тие што се дома. Ќе направиме анализа каде има потреба и каде нема рамнотежа по застапеност, рече Џафери најавувајќи дека се можни внатрешни прераспределби во институциите и нови систематизации. Според него, неопходна е база на податоци за бројката на вработени припадници на етничките заедници.
|