14.10.2011, 14:56 АЕК објави повик за доделување фрекфенции за 4Г
Aгенцијата за електронски комуникации денеска објави јавен повик за доделување фреквенции за нудење услуги за четвртата генерација мобилна телефонија (4Г) во опсегот 790-862 MHz.
- Станува збор за меѓународен повик кој ќе го објавиме и во меѓународни медиуми така што очекуваме интерес не само од домашни компании, туку и странски, како што се „Vodafon“, „Telenor“ и други големи оператори кои моментно не се присутни на македонскиот пазар. Сакаме да бидеме технолошки развиена држава согласно западноевропските. Тоа е техника која доаѓа, со нова мрежа, изјави директорот на АЕК Роберт Орданоски.
Потегот на АЕК, истакна тој, е во контекст на комплетната дигитализација која се одвива во Македонија, а треба да заврши на 1 јуни 2013 година.
- По тој датум, ќе имаме мобилни оператори кои ќе работат со 4 G технологија и телевизии кои ќе функционираат апсолутно на дигитална платформа. Се очекува мобилните оператори да почнат да работат на оваа напредна мрежа која е нов стандард и на светско ниво и овозможува многу побрз пристап до интернет, истакна Орданоски.
Заинтересираните компании до АЕК треба да достават барање за издавање одобрение, извештај за билансот на состојба и успех или ревизорски извештај издаден од реномирана ревизорска куќа. Околу техничката документација и сите услови за користење на радиофрекфенции заинтересираните оператори можат да се информираат на официјалната веб страница на АЕК www.aek.mk. или да се обратат директно во АЕК.
Повикот е објавен врз основа на Законот за електронски комуникации и е во согласност со планот за доделување и користење на радиофреквенции во Република Македонија.
|