14.10.2011, 14:11 Единаесетто издание на Недела на италијанскиот јазик во светот
Овогодишната Недела на италијанскиот јазик, што се одржува во Скопје од 14 до 21 октомври, посветена е на 150-годишнината од обединувањето на Италија.
Во заедничка организација на амбасадите на Италија и Швајцарија во Република Македонија и во соработка со Филолошкиот факултет - катедрата за италијанистика, Факултетот за драмски уметности и Архитектонскиот факултет при УКИМ во Скопје, како и Архитектонскиот факултет и Ректоратот при Државниот универзитет во Тетово и Институтот „Данте Алигиери“ од Скопје, почнува единаесеттото издание на Неделата на италијанскиот јазик во светот, насловено: „Среќен роденден Италијо!“, посветено на 150-годишнината од обединувањето на Италија (1861-2011). Овогодишниот почеток е одбележан со гостувањето во Скопје и во Тетово на познатиот швајцарски архитект, Марио Бота.
Денеска во Националната галерија на Македонија - „Даут-пашин амам“, се одржува концерт, на кој настапува македонскиот гудачки квартет „Еквилибриум“ и познатиот италијански квартет на кларинети, а во рамките на неделата ќе се одржат проекции на повеќе италијански и два швајцарски филма од понов�� и од постара продукција. На 19 октомври, познатиот кинематограф Данте Синоти, добитник на овогодишната награда „Златна камера 300“ на филмскиот фестивал „Браќа Манаки, ќе одржи предавање за студентите на ФДУ во Скопје, а од 17 до 21 октомври, во рамките на емисијата „Храна и вино“ на Телма, ќе се прикажуваат рецепти од италијанската гастрономска традиција. Предвидени се гостувања и на повеќе еминентни професори и писатели од Италија.
Главен спонзор на овогодишното издание на Неделата на италијанскиот јазик е Комерцијална банка - Скопје.
|