05.10.2011, 11:36 Кандидатурата за Оскар на „Панкот...“ ќе биде прифатена
Американската филмска академија ќе ја прифати кандидатурата на „Панкот не е мртов“ за Оскар, иако копијата на филмот на режисерот Владимир Блажевски поради доцното испраќање се уште не е стигната во Лос Анџелес.
Според интернет-локаторот за пратки на ДХЛ, копијата претпладнево е во Синсинати во американската држава Охајо.
Филмскиот фонд на Македонија денеска соопшти дека контактирал со Американската академија во врска со случајот и вчеравечер бил известен дека кандидатурата на „Панкот....“ ќе биде прифатена.
Одлуката за избор на филм со кој Македонија се трка за номинација за Оскар во категоријата неанглиско говорно подрачје секоја година ја донесува Друштвото на филмски работници на Македонија (ДФРМ), односно комисија што се формира за таа цел.
ДФРМ во неделата претпладне со допис ги информираше медиумите дека кандидат ќе биде „Панкот не е мртов“, без детали за членовите на комисијата и други информации за изборот.
- Целата процедура околу пријавување и испраќање на македонскиот кандидат за Оскар од неанглиско говорно подрачје беше завршена навреме, што може многу јасно да се види на веб-страницата на Филмската aкадемија (http://movie-on.blogspot.com/2011/09/2012-oscar-foreign-language-film.html). Може да се види дека овогодишен македонскиот кандидат е филмот „Панкот не е мртов“ на режисерот Владимир Блажевски. Во договор со продуцентот, копијата, што е и негова обврска, навреме и беше испратена на Академијата, напиша претседателот на ДФРМ Горјан Тозија во соопштението во неделата, откако за ситуацијата реагираше Филмскиот фонд на Македонија.
Директорот на Фондот Дарко Башески во петокот во соопштение го прозва ДФРМ зашто се уште не објавил национален кандидат за престижната награда, предупредувајќи на рокот кој заврши на 3 октомври. Тој посочи и дека не била испочитувана процедурата за избор, како што тоа се правело во изминатите години.
- Дури вчера, 29 септември, во Филмскиот фонд еден член од комисијата за избор самиот дојде да побара ДВД од филмовите кандидати за да ги гледа. Дали членовите на оваа комисија се оставени самите да се снаоѓаат, наместо да се организира проекција на филмовите по која ќе се избере официјалниот кандидат како секоја година?, праша Башески во дописот до медиумите.
Иако пријавен за кандидат, копијата на филмот не го фати рокот за прием кој заврши во понеделникот во 17 часот.
За кандидирањето на филмот и за пропустите во процедурата Филмскиот фонд утре ќе одржи прес-конференција и најави присуство на режисерот на „Панкот...“ Блажевски и продуцентот Дарко Попов.
|