05.10.2011, 14:36 Ердоган: Израел поседува атомска бомба
„Израел денес го гледам како закана за регионот, бидејќи располага со атомска бомба“, нагласи турскиот премиер.
Турскиот премиер Реџеп Таип Ердоган денеска изјави дека Израел претставува „закана“ за регионот поради тоа што поседува атомска бомба.
Ердоган го истакна ова за врема на посетата на Јужноафриканската Република, имајќи ги предвид нуклеарните капацитети на Израел, кој никогаш не ги потврдил или отфрлил дека поседува атомско оружје.
„Израел денес го гледам како закана за регионот, бидејќи располага со атомска бомба“, нагласи турскиот премиер.
Тој повторно ја осуди еврејската држава поради израелскиот напад врз турскиот брод „Мави Мармара“ кој пренесуваше хуманитарна помош за Појасот Газа во мај минатата година, при што загинаа девет турски државјани. Нападот предизвика сериозна криза во односите меѓу Анкара и Тел Авив.
Ердоган, чија Партија на правдата и развојот е со исламски корени, го обвини, исто така, Израел за „државен тероризам“ на Блискиот Исток, поточно на палестинските територии.
|