04.10.2011, 16:11 А1 телевизија должи на фирми, актери, новинари...
Околу 40 фирми пријавија во судот дека имаат нерасчистени долгови со телевизијата што е во стечај.
Десетици адвокати, приправници и вработени во компании што соработувале со сега згаснатата телевизија А1, вчера, во граѓанскиот суд во Скопје ги поднесуваа своите пријави со кои тие се јавуваат како доверители во стечајната постапка што се води за телевизијата. Стечајната постапка во Основниот суд Скопје 2 се одвиваше паралелно со онаа во која им се суди на Велија Рамковски и нему блиски роднини и соработници за кривичните дела за кои се товарат.
Уште на самиот старт на рочиштето, судијката Наташа Савовска-Димитревска нотираше дека во судницата, и покрај присуството на државниот правобранител, отсуствува предлагачот на стечајот за А1, односно претставниците на Управата за јавни приходи.
Од тие што беа заведени како доверители може да се заклучи дека телевизијата имала голем број коминтенти, но и тоа дека тие останале без средства. Станува збор за компании како што се НЛБ Тутунска банка, ПЗУ „Промедика“, „Мак-кар“, српската „Емоушн продакшн“, американската филмска компанија „Ворнер брадерес“, „Телеком“, „Т-Мобиле Македонија“, јавното претпријатие „Комунална хигиена“ , „Еуроимпекс“, „Еуромилк“, „Триглав осигурување“, „ЕВН“, „Скопски пазар“, Градот Скопје, „Солопром“, „Мида моторс“ и многу други правни лица. Имено, меѓу тие што се јавуваат како доверители во стечајната постапка на А1 се и неколкумина актери кои ги позајмуваа гласовите во некои од сериите што беа прикажувани на телевизијата, но и новинари што работеле таму порано. Така, меѓу оштетените се јавуваат и глумците Марин Бабиќ, Трајанка Илиева, Марија Кондовска, Лазе Манасковски, Диме Илиев и Анастас Тановски, но и новинарката Маре Столова, чиишто интереси ги застапува ангажиран адвокат.
|