04.10.2011, 15:18 Малстром: Има шанси визите да се вратат
Еврокомесарката се надева дека тоа сепак нема да се случи и дека ќе се намали бројот на баратели на азил од Балканот.
Еврокомесарката за внатрешни работи на ЕУ, Сесилија Малстром не ја исклучува можноста да се вратат визите за граѓаните на Македонија и другите земји од регионот, ако бројот на баратели на азил во наредниот период не се редуцира.
- Има шанси да се активира превентивниот механизам, но се надеваме дека нема да има потреба од тоа. Земјите членки на ЕУ сакаат да видат дека трендот на азиланти се намалува и дека државите ги преземаат потребните мерки за да се справат со проблемот. Македонија направи многу на овој план но потребен е и дополнителен ангажман, изјави Малстром по средбата со премиерот Никола Груевски.
Според неа, визната либерализација е прекрасно достигнување кое овозможува луѓето од вашата земја да се сретнат со луѓето од европските држави, но дека очигледно постојат одредени проблеми. „Премиерот и министерот за внатрешни работи ме уверија дека се преземаат мерки и оти ќе бидат преземени и дополнителни за да се надмине проблемот„, рече Малстром најавувајќи дека денес во Брисел ќе биде одржана официјална средба на која ќе бидат разгледани деталит�� бидејќи проблемот се однесува на целиот Балкан.
На состанокот денес во Брисел се поканети преставници на владите од сите земји во регионот, а ќе се разгледаат последните статистички податоци по што ќе се дефинираат препораки за решавање на ова прашање.Неколку европски земји се вознемирени од зголемениот број на лажни баратели на азил, иако по преземените мерки во текот на летото, кога многу Роми беа враќани од граница, бројот значајно се намали.
Малстром изминатите два дена учествуваше на форумот на министрите за внатрешни работи и правда „ЕУ - Западен Балкан“, покрај над стотина претставници од 15 земји.
Оценувајќи ги ефектите од дводневната работата на форумот, министерката Гордана Јанкуловска рече дека собирот потврдил дека сите отворени прашања и проблеми со кои се соочуваат Европа и регионот мора да се решаваат на маса. Таа најави подготвеност да се превземат сите мерки за да се намали бројот на баратели на азил кои ја загрозуваат визната либерализација. Јанкуловска се сретна и со директорот на Европол Роберт Веинрајт, со кој разговараше за операционализација на договорот за размена на информации на сите нивоа, особено што Македонија е втората држава од регионот која покрај Хрватска, има потпишано документ за ваква соработка со Европол.(В.М.-Н.Р.)
|