04.10.2011, 13:48 Македонија и Црна Гора со Договор за екстрадиција
Министрите за правда на Република Македонија и на Црна Гора, Блерим Беџети и Душко Марковиќ, денеска во Охрид потпишаа Договор за екстрадиција на граѓани со двојно државјанство, осудени за тешки кривични дела.
Двајцата министри по парафирањето на договорот истакнаа дека со потпишувањето двете држави покажале подготвеност, решителност и способност преку развој на регионални инструменти да ги унапредат активностите во борбата против организираниот криминал.
- Овој договор е значаен како за државите, нејзините граѓани, но и за регионот, оттаму што тој ќе овозможи поефикасна борба против криминалот. Секако дека како две пријателски држави ја изразуваме нашата подготвеност соработката да ја прошириме и во другите сфери, за кои ќе произлезе потреба, истакна министерот Беџети по потпишувањето на договорот.
Неговиот црногорски колега потсети дека орагнизираниот криминал и корупцијата денес се најголемите предизвици со кои се соочуваат не само двете држави, туку и светот во целина.
- Регионалата соработка е еден од најдобрите инструменти за заштита од последиците што произлегуваат од криминалните активности. Со договорот го стеснуваме просторот за криминалците, тие нема да можат да се штитат со државјанството, ниту пак ќе бидат заштитени од националните законодавства од достапноста пред правдата, рече црногорскиот министер за права, Марковиќ.
Република Македонија на 8 јули ваков документ за екстрадиција на осудени лица потпиша и со Република Хрватска, а во тек се активности за потпишување договор и со Република Србија.
Можноста за потпишување вакви договори за Македонија се отворија со измените на Уставот и уставниот Амандман 32, донесени во март годинава.
|