09.10.2011, 22:26 Мислења
11 Октомври - да не се заборави!
Ивор Мицковски
Оваа власт намерно ги игнорира вредностите што произлегуваат од антифашизмот и од сите идеи што водат кон модерна, демократска и европска нација
Човек заборава! Заборавеноста не е дело на времето, туку �� наше дело, на човекот што сака да заборави и затоа заборава. Оваа година се навршуваат 70 години од 11 Октомври, почетокот на вооруженото народно востание против фашистичкиот окупатор и предуслов за сите понатамошни успеси на македонскиот народ, македонската државотворност и нација. Сите сме свесни како актуелната власт го игнорира и го минимизира овој празник, но уште повеќе, како тоа игнорирање е само дел од една поширока ревизија на македонската историја, карактер и идентитет.
Нема ништо „старо“, „комунистичко“ или носталгично во полемиката која сакам да ја развијам околу игнорирањето и ревидирањето на нашата славна антифашистичка историја. Напротив, сакам дополнително да ја разгорам и со прашањето дали однесувањето на власта е последица на нивниот вроден апсолутизам и идеолошки догматизам, на една природна тенденција кон нови форми на фашизам или пак причината е новиот бран на државна некултура и неодговорност, еден антиевропски и антизапападен сентимент кој е основа за нивната идеја за Македонија?
Ова се актуелни прашања што зборуваат за нас, не само за нашето минато туку и за нашата сегашност и за иднината, за тоа какви се тие што раководат со земјава, за тоа каква е нашата национална култура и за тоа какво е јавното расположение и мислење.
Денешната власт го чита датумот 11 октомври како еден вид крај на македонските државотворни аспирации. Вистината, пак, е дека тој датум, 11 октомври, и почетокот на македонското народно востание и отпор, треба да се читаат реално, како почеток на македонската државотворност. Тој отпор понатаму треба да се врзува за својата повисока политичко–институционална цел и постигнување – Македонија со кодифициран јазик, јасен и државотворен идентитет и со сите елементи на државотворност во рамките на Југославија, а подоцна и независна и самостојна држава. Тоа е еволуцијата на државотворноста на Македонија и таа крајна и највисока цел, постигната на 8 септември, би била невозможна без 11 Октомври и без народниот антифашистички отпор. Затоа тврдам дека Македонија не смее да го игнорира своето социјалистичко минато, а уште помалку да ја игнорира или да ја релативизира Асномска Македонија.
Забележете само една работа, победата над тоталитаризмот во Втората светска војна и антифашистичкиот карактер се најголемиот мотив и причина за новата и прогресивна државност во сите западни земји. Одеднаш, сите земји се согласуваат околу демократските вредности, го напуштаат себичниот национализам и ја прегрнуваат европската идеја на помирување и обединување, нешто од што до ден денес црпат морален кредибилитет и на што го базираат модерниот национален идентитет. Ако ние денес бегаме од таквата идентификација и од тоа наследство, тогаш мора да постои јасна причина зошто е тоа така.
Подеднакво ме загрижува фактот што се' почесто се величи антикомунизмот и тоа баш за сметка на антифашизмот. Настрана инструментализацијата и селективноста, тоа што е најопасно е што релативизмот кој се употребува за изедначување на антикомунизмот и на антифашизмот или, пак, за свесно нагласување на антикомунизмот, доведува до еден друг вид еквидистанца, а тоа е помеѓу фашизмот и антифашизмот. Одеднаш за Македонецот треба да се изедначи поранешниот систем во кој живеел и фашистичката окупација. Одеднаш, да се биде недемократичен и тоталитарен десничар е повеќе оправдливо и поприфатливо.
Историското изедначување меѓу фашизмот и комунизмот е легитимно, но тоа не смее да служи за ревидирање и за запоставување на македонската специфичност. Воедно, не смееме никогаш работите да ги гледаме црно-бело и да заборавиме дека злото наречено советски комунизам, сепак помогна во победата над едно поголемо зло, германскиот нацизам. Не смееме да заборавиме дека Македонија била земја жртва на нацизмот, а не на комунизмот. Тоа што власта толку едноставно го нарекува комунизам и злосторствата кои му ги препишува не и' припаѓаат на Македонија и на југословенскиот социјализам. Ако власта сака социјализмот во Југославија и во Македонија да го изедначи со комунизмот кај источните сателити и во Советскиот Сојуз, тогаш таа прави голема историска злоупотреба врз нашата историја и врз нашето минато.
Втора работа која е важна да се напомене кога станува збор за актуелното изедначување на антифашизмот и антикомунизмот во Македонија е што нашата земја никогаш немала квислиншки политички претставници кои ја воделе, никогаш немала колаборационисти кои ја претставувале и кои реално одлучувале за нејзината судбина. Оттука, ние, за разлика од некои други земји, немаме никаква потреба или причина да креираме некакво лажно изедначување. Земја која во име на една актуелна и мизерна идеологија го камуфлира значењето на својата историја е земја која нема свест за самата себеси, која го минира и го руши нашиот историски идентитет.
И тука лежи мизеријата на оваа десница и на нејзините интелектуалци, што дури и кога ќе станат луѓе на државата, не сакаат да ја прифатат антифашистичката традиција на овој народ и на оваа држава, не сакаат да ја промовираат таа голема победа на демократијата врз тоталитаризмот. Повторно се потврдува дека секоја македонска идеја за државност и за патриотизам, која не води сметка за антифашистичкиот карактер и за минатото на нашата земја и народ е мизерна, ниска и трагикомична.
И, сега, можеме да поминеме на актуелната суштина. Отфрлањето на антифашизмот не завршува само со (не)односот кон минатото, туку има една многу подлабока и поактуелна позадина. Вистинскиот проблем е што оваа власт нема однос кон сегашноста и кон иднината. Тие не ја препознаваат политиката на сегашноста и на иднината. Факт е дека европските вредности и екстремниот национализам што власта го форсира, не можат да кохабитираат. Идејата да се биде свој, себично и националистички да се турка своето, ниту е европска сегашност, ниту е европска иднина. Затоа и тврдам дека оваа власт намерно ги игнорира вредностите кои произлегуваат од антифашизмот и сите идеи кои водат кон една модерна, демократска и европска нација. А тука, пред се' стои отфрлањето на заедничката европска идеја за демократија. Затоа во Македонија се судираат две идеи за тоа што е демократијата. Едната е републиканска, национална и европска и неа можеме да ја дефинираме како уставна демократија, која се препознава во модерната држава, во поделбата на моќта и во принципот дека суверенитетот лежи во народот. Оваа втората која денес доминира, има идеја за една демагошка квазидемократија, за еден авторитаризам кој наводно во име на народот гради нов поредок, а во суштина е само една конзервативна и анахрона револуција. Тоа е идеја за еден популизам кој се наметнува како моќ над се останато, каде одлуката доминира над правилата, каде новиот принцип на слобода се базира врз кршење на правилата и законите, токму затоа што новиот систем гради хиерархија во која народот треба спонтано и самоволно да му се потчини да демиургот на новата Македонија. Ваквата идеја, содржи во себе еден тоталитарен инстинкт, една нова културолошка хегемонија каде отсуството на демократија и сите злоупотреби идеолошки се оправдани од замислените националистички подвизи и хоризонти на власта. Тоа што се нарекува духот на времето, е во судир со нашиот идентитет, со нашите вредности, со континуитетот на нашата антифашистичка и демократска историја. Крајната цел е да заборавиме кои сме и што сме биле, што се случува денес, која е нашата национална свест.
(Авторот е аналитичар) |
|
Статијата е прочитана 1557 пати.
|
Испрати коментар
|
|
македонец, 10.10.2011 00:28:32 | Дечко што се разбираш па ти што е демократија... дефиниција за демократија е една... се друго што ќе се каже е чиста политичка пропаганда од различни елити во едно општество употребени за лични цели... а за да се биде добар аналитичар не треба да се биде дел од таа иста пропаганда... тогаш ти си агитатор... |
| jovan, 10.10.2011 01:20:19 | Deka toa bese anti fasisticka borba , bese. No neznam zosto onaka sramezlivo se okolise okolu komunizmot i komunistite. Jasno i glasno treba da kazeme deka ovaa drzava ja osnovaa i stvorija tokmu tie. Koj go boli toa, neka go boli. Vistinata i boli mnogu ponekogas. Toa deka togasniot sistem i samiot Tito se obracunuvale zestoko so neistomislenicite e isto taka fakt i vistina. No od segasna gledna tocka koga ke vidis so kogo si imale rabota i kakvi nameri imale, ne im bilo lesno da se spravuvaat so takvi gubrinja. Pa pravele sto pravele. Inaku ovoj praznik za ovaa drzava e najznacajniot. Bidejki so toa vostanie i taa borba, ovaa drzava e zapisana kako ucesnik na stranata na sojuznicite. A toa e ne e mal istoriski uspeh. No onie koj bea togas na pogresnata strana i koj denes ne donesoa da bideme nikoj i nisto, sakaat seto ova da go ponistat i izbrisat od Makedonskata istorija, a nivnite denesni neuspesi i propast koja ja donesoa na ovoj narod, da ja prepisat na komunistite, socijalizmot. |
| svedok, 10.10.2011 08:04:42 | Tekstot e dobar, no mnogu pretpazliv vo odnos na toa sto znacese i znaci taa antifasisticka borba.
Tocno e deka denes se velica i ona sto bilo i ona sto ne bilo vo minatoto, a namerno se zaboravaat tvorcite na ovaa drzava- Makedonija. Toa se tokmu borcite od narodno-osloboditelnata vojna 1941-45. Onie drugite, potomcite na fasistite od toa vreme, neka ne se raduvaat deka povece nema zivi borci. Zivi borci od taa vojna- svedoci seuste ima, a koga ce nema ce ziveat nivnite potomci, pa nivnite potomci i.t.n. Istorijata se gradi vrz svedostva i fakti, a ne vrz lagi plasirani od pobedenite vo taa vojna.
|
| Uko, 10.10.2011 10:04:43 | za nekoj koj mozebi dovagja od Juzna Amerika, ili od ovie kraista, a sepak e neinformiran, ima moznost so poseta na dvata muzeja do crkvata sv. Dimitrija, eden do drug, da nauci nesto poveke za fasizmot i komunizmot. |
| ФЕЛИКС, 10.10.2011 11:30:32 | Околу мизериите може наголемо да се дебатира и за вашиот кампус.Вашите се прогласија за наследници на СКМ и го приграбија имот нивни.Но кога се расправа за поедини црни петна од тоа едноумно владеење вашите велат,,немаме ништо заедничко со тоа,ние сме социјалдемократи,,.Не треба воопшто да ве загрижува антикомунизмот оти токму оние за кој барате безусловно да им се придружиме донесоа декларација за осуда на фашизмот и комунизмот како нешто крајно негативно на 20-иот век.И на крајот соберете храброст и напишете нешто и за негативностите на едноумието од 1945г. до 1991год. |
| Феличита, 10.10.2011 12:40:43 | Аман,бре Среле,ти пак против Ѕинго,Камчеви,Стојменов!Груевски го одби предлогот да се донесе закон за незастарување на кривични дела врзани за приватизацијата! Но,што да се очекува од човек кој работи за десетка со кромид! |
| Istocna Makedonija, 10.10.2011 12:49:47 | I nikako da ne se zaboravi 11 Oktomvri 1941 godina,svetol,avtenticen istoriski nastan na Ma-
kedonija,isto kako i Ilinden 1903,8 Septemvri 2001....Den,na koj NOAVM stanuva integralen
del na Antifasistickata koalicija! |
| the flow, 10.10.2011 12:50:08 | Подеднакво ме загрижува фактот што се почесто се величи антикомунизмот и тоа баш за сметка на антифашизмот.
Многу убаво напишано, ми зема мисла. ;) |
| do Ivor, 10.10.2011 16:39:05 | Tokmu ti i takvite kako tebe sakaat da go miniraat i srusat nasiot istoriski identitet zatoa sto sakate da se smeni imeto na nasta drzava.No nema da se smeni. |
| Alek, 10.10.2011 21:41:40 | Ivore, moram povtorno da te pofalam. Kolumnata e super! a vasite pisuvanja i nasite komentari verovatno doprinesoa da se gospodinot premier i gospodinot predsedatel najdat na proslavata po povod golemiot praznik. Premierot mi izgleda kiselo, ama sepak pocituva. Za pocetok dovolno, so vremeto ce se izmeni, posebno koga ce svati deka makedonskiot narod (a ne poedinci) si ja pocituva svojata istorija. A najposle i najbitno za nego, ovde lezat mnogu glasovi (povece i od tie sto gi osvoi) koi gi uporno tera kaj Branko ili vo apstinacija. Sepak ce svati! |
| pk canada, 11.10.2011 02:36:48 | do FELIX
gledam pak po staro, nasite-vasite.
Do koga dudk eden taka ce gi delis lugeto?
koj se nasi a koj vasi?
Singo civ e?
Odi be surtuk nepismen, ti ce pisuvas komentari, te citam sekogas, za sekoja tema imas komentar, kako Ilija Dimoski si, ama neli toa e dobro toj e eden od Vasite?
Edno da vi e jasno, na 11 octomvri se udreni temeli na ovaa Makedonska drzava, vo borba protiv fasizmot i negovite slugi(vmro-MIHAJLOVISTICKA).
BEZ TOA NEMASE DA IMA MAKEDONIJA.JASNO?
|
| Lina New York, 11.10.2011 17:46:13 | Do G-dinot Feliks...vo svoite komentari postojano spomnuvate vasite i crni petna od ednoumieto na vasite,pa jas bi ve prasala a kade bevte vie dodeka taka ednoumno vladeeja nivnite?Nitu cuvme,nitu pak vidovme da izlezete javno i da go iskazete svoeto nezadovolstvo.Vi bese strav?Ako e taka,sega ste smesen.Sigurno bezgrizno si sedevte vo svoeto duvlo i sreken mavtavte vo toa vreme so crvenata kniska,gord sto ste clen na Komunistickata partija.Se mi lici deka menuvate dres bez tusiranje...i na kraj,zosto povikuvate nekogo da sobere hrabrost i da napise nesto za nepovolnostite od toj rezim...ete vi moznost konecno vie da soberete hrabrost i da napisete nesto poveke za toa.No mislam deka veke vi e docna,zosto koga e makata togas se gleda koj se junaci,vaka ke povtoram samo izgledate smesen.Drugarski pozdrav do vas!!!! |
|
|
|
|
|
„УТРИНСКИ ВЕСНИК“ ЕЛЕКТРОНСКО ИЗДАНИЕ
|
|
|
|
Време
|
Скопје, 1°C
Претежно облачно
|
Понеделник
Сончево
Макс: 9°C, Мин: -4°C
|
Вторник
Делумно облачно
Макс: 9°C, Мин: -5°C
|
|
|
|
|
|