11.11.2011, 15:18 ФИБА задоволна од виденото во Скопје
На потег државата за финансиската гаранција за квалификацискиот турнир за ОИ.
Двочлената делегација на Светската кошаркарска федерација (ФИБА) со позитивни впечатоци ја заврши инспекцијата во врска со кандидатурата на Македонија за организирање на квалификацискиот турнир за Олимписките игри во Лондон. Спортскиот директор на ФИБА, Лубомир Котлеба, и директорот за организација на настани под нејзино покровителство Предраг Богосављев синоќа пристигнаа во Скопје, денеска го посетија Спортскиот центар „Борис Трајковски“, а ги прими и директорот на Агенцијата за млади и спорт, Лазар Поповски. Високите гости од Минхен ги придружуваа првите луѓе на Македонската кошаркарска федерација, претседателот Даниел Димевски и генералниот секретар Дејан Лекиќ, кои им ги образложија деталите од македонската пријава за домаќин на настанот што ќе се одржи од 2 до 8 јули 2012 година.
„Арената ’Борис Трајковски‘ ги исполнува сите услови за организација на настан од ваков карактер“, изјави Богосављев. „Бевме запознаени и со инфраструктурата во градот, како и со сместувачките капацитети. Тоа на Скопје и на Македонија не им недостига, а постои и тим од луѓе способн�� да организираат ваков настан. Останува уште да видиме на дело колкава е поддршката од државата и од соодветните институции, кои мора да одговорат на барањата за Македонија да го добие турнирот“.
Котлеба и Богосављев синоќа требаше да заминат во обиколка и на другите кандидати Литванија, Венецуела и Ангола. Понудените услови од четирите апликанти ќе бидат дополнително разгледувани до состанокот на Централниот борд на ФИБА на 10 и 11 декември во Мадрид, каде што ќе биде избран домаќинот на квалификациите. Покрај четирите кандидати за организатори на турнирот, таму ќе настапат и селекциите на Грција, Русија, Доминиканска Република, Јордан, Јужна Кореја, Нов Зеланд, Нигерија и Порторико. Тие ќе бидат поделени во четири групи по три тима, од кои двата најдобри од секоја група ќе продолжат во четврт-финалето. По него следува полуфиналето, чии што победници ќе изборат учество на ОИ и нема да играат финале, а дуелот на поразените полуфиналисти ќе го даде последниот учесник на Игрите. (Р.Д.)
|