07.11.2011, 12:20 Ферари се закани со напуштање на Ф1
Претседателот на Ферари, Лука ди Монтеѕемоло им се закани на челниците на Формула 1 шампионатот: „Или сменети ги правилата или Ферари си заминува!“
Првиот човек на Ферари, Лука ди Монтеѕемоло побара промена на техничките правила и дозволување на тестирањата, заканувајќи се дека доколку тоа не се случи, „коњчето од Маранело“ ќе си замине од Формула 1. Ферари е единствениот тим кој се натпреварува без прекин во Формула 1 од нејзиното основање во 1950 година, а со 16 шампионски титули е најтрофеен во „летечкиот циркус на четири тркала“.
„Формула 1 се уште е нашиот живот, но без Ферари нема Формула 1. Секако дека и Ферари ќе биде многу поинаков доколку биде принуден да замине, затоа ние бараме промени. Ние не се натпреваруваме во Формула 1 само за публицитет, туку пред се тоа ни носи успешни истражувања кои ги применуваме во сите сегменти од нашите цивилни автомобили. Ние произведуваме автомобили, а не хеликоптери, авиони или ракети. Во Формула 90% од резултатите се темелат на аеродинамиката, а ние сме единствениот спорт во кој тестирањата и развојот се забранети“, изјави Ди Монтеѕемоло.
Тимот на Ферари ја привршува една од најфрустрирачките сезони во својата историја, во која забележа само една победа, а на две трки до крајот се наоѓаат на третото место, без шанси за повисок пласман.
|