25.10.2011, 16:34 Работнички потпиша со Јане Петровски
Петровски доаѓа како замена за повредениот Димитар Мираковски, кој поради тешката повреда на коленото ќе отсуствува подолг период.
Плејмејкерот, кој речиси целата своја досегашна кариера ја мина во МЗТ Скопје, Јане Петровски, е нов член на Работнички. Петровски доаѓа како замена за повредениот Димитар Мираковски, кој поради тешката повреда на коленото ќе отсуствува подолг период. Петровски беше и капитен на МЗТ Скопје и токму поради лојалноста кон тимот од Аеродром размислуваше дали да ја прифати понудата на најтрофејниот наш клуб.
„Презадоволен сум што успеавме да го доведеме. Тој е еден од најдобрите плејмејкери во лигата“, изјави тренерот на Работнички, Марјан Србиновски.
Работнички лошо стартуваше. Има три порази во три меча, вклучувајќи го и неодиграниот против Вардар во првото коло, кој беше загубен по административен пат. Петровски, кој довчера беше слободен играч, својата форма ја градеше на тренинзите со Вардар. Тој би требало да дебитира веќе на следниот натпревар со Струмица. (Н.К)
Прва лига остана без спонзор
Капитал Банка нема повеќе да ја спонзорира Првата машка кошаркарска лига. Основната причина за ваквиот потег е промената на телевизијата која ги пренесува натпреварите. Гледаноста на Канал 5 е неспоредлива со онаа што беше на А1, сметаат од банката.
„Со оглед на тоа дека, за жал, во моментов не сте во можност да ја исполните обврската што ја имате преземено во точката 5 од членот 4 од Договорот, ниту, пак, би можело да се очекува дека ќе ја исполните во иднина кај нас не постои интерес за маркетиншки простор од овој тип и за намена за друга телевизија, бидејќи е неспоредлива со гледаноста на А1. Ова е основната причина поради која го раскинуваме договорот“, велат од банката.
На тој начин Здружението на прволигашите останува без 15.000 евра, што е финансиски удар на самиот почеток на 20. јубилејна сезона.
|