25.10.2011, 12:59 Тетовец се задушил во својот стан
Педесет и три годишниот К.З. починал од задушување во пожарот што околу два часот по полноќ избувнал во неговиот стан на булеварот „Благоја Тоска“ во Тетово во близина на касарната.
Пожарот, како што информира портпаролот на СВР Тетово Марјан Јосифовски, бил пријавен од жител на зградата по што интервенирала тетовската Територијална противпожарна единица.
- Од огнената стихија изгорела целата внатрешност од станот, а при интервенцијата пожарникарите во трпезаријата го пронашле телото на сопственикот на станот кој најверојатно починал од задушување бидејќи на телото немало изгореници или други траги на опожарување, изјави Јосифовски.
Пожарникарите го изгаснале пожарот и спречиле негово проширување во останатите делови од зградата.
Бил извршен делумен увид на самото место кој продолжува и денеска со цел да се утврдат причините за пожарот.
По наредба на лекар по судска медицина телото на починатиот е предадено на обдукција.
|