26.10.2011, 14:14 ВМРО-ДПМНЕ со критики за начинот на владеење на СДСМ
ВМРО-ДПМНЕ е крајно згрозена од начинот на кој СДСМ раководи на оние места каде што е власт. Безумието, ароганцијата и недомаќинлукот е врвна одредница на повеќето функционери од СДСМ, а врв на таквиот стил на работа претставува работењето на охридскиот градоначалник Александар Петрески, рече на денешната прес-конференција Харалампие Шокаровски, пратеник во Собранието на Македонија.
Во текот на вчерашниот ден, посочи тој, искористувајќи ги формите и постапките во работењето во општина Охрид, градоначалникот Александар Петрески успева да го наметне сопствениот, роден брат Здравко Петрески за предлог за претседател на комисија, која треба да спроведе постапка за јавна набавка во висина од повеќе десетици милиони денари.
- Градоначалникот на Охрид, јавните набавки во кои има општ и јавен интерес и средства му ги доверува на родениот брат. Од ова поголем срам нема. Од ова поголем доказ за немањето искрени намери за раководење со општина Охрид нема. Петрески со секоја своја следна постапка само докажува дека општината ја користи како логистика и финансиски кредитор за себе и за својата тајфа. Здравко Петрески е вработен во општина Охрид, рече Шокаровски.
Тој истакна дека тоа е врв на непотизмот и додаде дека додека илјадници граѓани чекаат единствено вработување, за фамилијата Петрески е оставен избор за тоа каде сакаат и кога сакаат да се вработуваат на работни места во општина Охрид.
- Во овој случај, станува збор за формирање комисија за спроведување јавна набавка за јавно осветлување, односно распишување тендер за избор на фирма најповолен понудувач за склопување на јавно-приватно партнерство за јавното осветлување во вредност од 150 милиони денари, рече Шокаровски.
За кој непотизам говори СДСМ кога на оние малку места каде што се на власт го прават најдрскиот и најбезобразен непотизам. За која корупција говори СДСМ кога во малкуте општини каде што се на власт, не владеат претставниците на граѓаните, туку владеат клановите и бизнис тајфите на нивните локални шерифи, праша Шокаровски.
Тој ги повика гласноговорниците на СДСМ кои овие денови беспоштедно говорат како Македонија грешела во својата работа, да дојдат во Охрид и да се позанимаваат со начинот на работа на нивниот градоначалник.
|