27.10.2011, 12:00 Четири чекори за излез од кризата на еврозоната
Одржливо решение за грчката криза, проширување на Фондот за стабилизација на еврото, рекапитализација на банките и натамошна фискална консолидација се четирите чекори договорени на состанокот на лидерите на земјите од Европската унија во Брисел.
„Нов почеток“, „екстремно важни одлуки“, „го сторивме тоа што беше неопходно“, се први оценки на резултатите од последниот во низата вонредни европски самити, посветени на економската и финансиската криза.
Лидерите од ЕУ и еврозоната бараа одржливо решение за Грција, со кое грчкиот јавен долг до 2020 година ќе се намали на 120 проценти од Бруто домашниот производ.
На маргините на самитот, германската канцеларка Ангела Меркел и францускиот претседател Никола Саркози се состанаа со претставниците на банкарскиот сектор во обид да најдат решение за потпишување на грчкиот долг. Во таа прилика е договорено приватниот сектор, со досегашите 21 процент, да преземе 50 проценти од загубата на основа на грчкиот долг. Тоа за сто милијарди евра би ја намалило вкупната задолженост на Грција, која во моментов изнесува 350 милијарди.
Европските лидери очекуваат новите чекори да им покажат �� на граѓаните на Европа, но и на меѓународните партнери дека европската монетарна унија се претвора во вистинска економска унија.
Дека таквото решение води и кон одржливоста на грчкиот долг смета и грчкиот премиер Јоргос Папандреу. - Грчкиот народ вложува натчовечки напори да ја доведе својата куќа во ред, својата економија да ја направи просперитетна и да создаде подобра иднина за грчкиот народ. Време е за одлуки кои ги решаваат несигурноста и кризата, кои ја вртат страницата и кои прават голем чекор кон подобра иднина на европските народи, рече тој.
Пред состанокот лидерите на еврозоната, шефовите на државите и на владите на земјите од ЕУ се договорија и околу рекапитализацијата на европските банки. Проценето е дека за таа цел на европските банки би им биле потребни вкупно 108 милијарди евра. Согласно спогодбата, задолжителните фондови на банките треба да достигнат девет проценти, што би им овозможило да се спротивстават на финансиските потреси.
На самитот во Брисел е договорено и Европскиот фонд за финансиска стабилност од 440 милијарди евра да се прошири на околу билион евра. „Европскиот финансиски чадор“ по помошта за Ирска, Португалија и Грција се намали на 270 милијарди евра, а неговото зајакнување треба да го спречи прелевањето на должничката криза врз другите земји од еврозоната, на прво место врз Италија и Шпанија.
Како прва реакција на одлуката за проширување на Фондот се појави прашањето дали бројката од билион евра ќе биде доволна да ја врати довербата во европската валута на светските пазари или таа бројка ќе биде протолкувана само како „фрлање на прашина во очи“.
Претседателот на Европската комисија, Жозе Мануел Барозо е задоволен со постигнатото, иако додава дека решавањето на кризата е „маратон, а не спринт“. - Пакетот мерки околу кои се договоривме потврдуваат дека Европа е подготвена да го направи тоа што е потебно за да ја зачува финсиската стабилност. Техничките детали од тој план ќе бидат завршени следните недели, а ЕК ќе предложи натамошни мерки за заеднички излез од кризата, додаде тој.
Претседателот на Европската централна Банка (ЕЦБ) Жан-Клод Трише ги поздрави овие, како што рече, „крајно важни одлуки“ на лидерите на еврозоната. - Донесовме крајно важни одлуки во повеќе области. Сето ова, сега бара многу работа и многу брза работа, изјави Трише, кој на почетокот од номеври ја напушта функцијата во ЕЦБ.
Генералниот директор на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) и поранешен француски министер за финансии Кристин Лагард го поздрави „суштинскиот напредок“ постигнат на европскиот самит во Брисел, честитајќи им на лидеритете на еврозоната, кои „успеаја да донесат програма што ќе одговори на кризата во регионот.
- Сега имам намера да му препорачам на Управниот совет на ММФ да ја исплати новата транша од помошта на Грција, рече Лагард, подвлекувајќи дека решавачко било прифаќањето на економските реформи од страна на грчката Влада.
Германската канцеларка Меркел по завршувањето на Самитот оцени дека еврозоната се покажала на „нивото на очекувањата“ и дека го направила „тоа што требаше да се направи за еврото“ со тоа што успеа да постигне согласност за еден поширок план за справување со долгот. Таа призна дека договорот кој беше постигнат изутринава воопшто не бил евидентен пред неколку дена.
Францускиот претседател Саркози го поздрави склучувањето на „амбициозниот и кредибилен“ договор против кризата. - Усвоивме елементи на глобален одговор, на еден амбициозен и кредибилен одговор на кризата која ја зафати еврозоната, рече Саркози. Изразувајќи убеденост дека резултатот ќе биде прифатен со олеснување од целиот свет, кој очекуваше одговори од еврозоната, Саркози додаде дека светот очекуваше катастрофа во случај на непостигнување на договор.
Грчкиот премиер Јоргос Папандреу изјави дека Грција ќе може повторно да се вратила на меѓународниот финансиски пазар пред 2021 година, како што предвидува ММФ, но под услов да ги спроведе на дело реформите. Според него, спроведувањето на реформите нема да трае десет години, тоа ќе се одвива побрзо, бидејќи сега долгот станува „поднослив“ за Грц
|