28.10.2011, 15:37 Индија дебитира во Формула 1
Маса најбрз на тренингот пред првото Индиско гран-при што ќе се вози в недела.
Фелипе Маса од Ферари вчера беше најбрз на тренингот на кој доминираше најстариот тим во Формула 1 на најновата патека во овој спорт, на која в недела ќе се одржи првата трка за Големата награда на Индија. Ако утрото го обележаа гордоста на Индијците, залутаните кучиња на патеката и казната од три места за Англичанецот Луис Хамилтон поради игнорирање на предупредувачките знамиња откако го извози најбрзиот круг, попладнето помина во знакот на црвената боја на болидот на Маса. И покрај жештината и прашината на речиси завршената патека Буд близу Њу Делхи, вредна 450 милиони долари, Бразилецот го забележа најдоброто време од 1:25,706 минути.
Двократниот светски шампион Себастијан Фетел од Ред бул беше втор во двете сесии во денот со огромно значење за индискиот мотоспорт, но со многу мала важност за годинашниот шампионат, во кој титулите веќе ги имаат освоено Германецот и неговиот тим. Фернандо Алонсо го потврди потенцијалот на Ферари со третото најдобро време на вториот тренинг, откако утрото му експлодира моторот.
Со чувство за историскиот миг, при првото излегување на патеката тимовите го сторија тоа во боите на индиското знаме. Првиот болид што излезе од боксот беше жолто-бело-зелената „форс индија“, управувана од Германецот Адријан Зутил. Веднаш по неа излегоа индискиот резервист во Лотус, Карун Чандхок, потоа вториот возач на Форс Индија, Пол ди Реста, а по него и индискиот пилот на Хиспанија, Нараин Картикејан. Чандхок, кој нема да вози в недела, ја имаше честа да го постави првото време за еден извозен круг. Картикејан, кој стана единствениот Индиец што освоил поен во Формула 1 кога возеше за Џордан во сезоната 2005, го заврши денот последен на табелата со времињата, но се задоволи со тоа дека самото негово присуство е од голема важност.
„Ова е емотивен момент за сите нас“, им изјави на известувачите тимскиот шеф и сопственик на Форс Индија, Виџај Малја. „Имаше многу шпекулации за тоа дали патеката ќе биде готова навреме, а контроверзите нараснаа по тоа што се случи со Игрите на Комонвелтот, но ние сме подготвени. Ова е извонредна патека и возачите ја сакаат“.
Големо црно залутано куче се појави на главната пит-линија, една од најдолгите во Ф1, кратко време пред почетокот на првиот тренинг. Неколку минути по стартот се појави уште еден пес, предизвикувајќи петминутен прекин на тренингот од безбедносни причини. Попладнето немаше кучиња на патеката.
|