25.10.2011, 13:59 Фени во трилерот поразен од Хапоел
Тренерот на Фени индустри, Емил Рајковиќ, смета дека неговиот тим може многу подобро во наредните натпревари.
Трилер мечот од Балканската лига во „Јасмин“ во Кавадарци заврши со пораз на Фени индустри од Хапоел Тел Авив (85:82).
Тренерот на Фени индустри, Емил Рајковиќ, смета дека неговиот тим може многу подобро во наредните натпревари. Во текот на целиот меч Изреалците имаа предност, која дури беше и двоцифрена на само неколку минути до крајот. Но македонскиот и балкански шампион предводен од Горан Самарџиев (постигна 19 коша, без шут за два, но со шест постигнати тројки од осум обиди) успеа да се приближи во самата завршница и дури имаше и завршен шут за продолженија, но топката што ја упати Соколов излезе од обрачот.
„Одигравме катастрофална одбрана во првиот дел. Дел од причините за нашиот неубедлив настап ги гледам во тоа што не можевме да се подготвиме како што треба. Не добивме ДВД, не можевме да направи скаутинг на нивната игра, за разлика од нив кои имаа доволно информации за нашиот тим. Но, тоа не е оправдување. Мораше да одиграме подобра одбрана. Да примите 47 коша во првите две четвртини на свој терен е недозволиво“, вели Рајковиќ.
„Многу подобро беше во вториот дел. Сепак, тешко е да се вратиш против ваков противник, но ние дадовме се' од себе и како што видовте, успеавме да стигнеме. Малку недостасуваше да дојдеме до продолженија. Ќе продолжиме да се воигруваме, се повеќе ќе делуваме како тим’“, додава Рајковиќ.
Фени индустри сега го чека дуелот со МЗТ Скопје кој се игра викендов. „Веќе имам кажано дека домашното првенство ни е приоритет, што не значи дека нем да дадеме се' од себе во БИБЛ. Дуелот со МЗТ Скопје ни е многу важен и ќе се подготвуваме како што треба. За нив имаме доволно информации, што не беше случај со Хапоел, кого може да го победиме на негов терен“.
Наредниот натпревар во БИБЛ, Фени го игра повторно на домашен терен против Напредак Рубин на 9 ноември.
Фени И. - Хапоел Тел Авив 82:85
По четвртини: 19:26, 17:21, 19:17, 27:21. Сала: „Јасмин“ во Кавадарци. Гледачи: 1.300. Судии: Томов, Цеков и Манолов од Бугарија. Фени индустри: Игровиќ, Фрај 4, Соколов 5, Брчков, Делипетров, Оцоколјиќ 8, Симоновски 9, Кнежевиќ 11, Ѓуров 6, Николовски 10, Михајловски 10, Самарџиев 19. Хапоел: Кар 13, Стит 22, Кели 21, Ширан 4, Скјолдебранд 11, Тимор 2, Наор 5, Абрамович, Ејтан 7, Зелекович.
|