26.10.2011, 12:13 Почнува „Локомоушн“ - фестивал за современ танц и перформанс
Младинскиот културен центар од денеска е домаќин на четвртото издание на фестивалот за современ танц и перформанс „Локомоушн“
Програмата на фестивалот ја подготвија Искра Шукарова, Биљана Тануровска Ќулавковски, Далија Ачин, Драгана Алфиревиќ, Маријана Цветковиќ Марковиќ, Андерс Јакобсон и Јохан Теландер. Програма е развиена во соработка меѓу фестивалот „Локомоушн“, фестивалот „Конденз“ од Белград и организацијата „Хибрис Кунстпродукцион“ од Стокхолм.
„Кураторскиот програм“ претставува група од 20-тина специјално поканети уметници, теоретичари и куратори од Балканот и Западна Европа кои ќе дискутираат за кураторството.
- Целта е преку оваа програма да создадеме простор кој ќе претставува плодна почва за уметничкиот дискурс, за публиката, како и за дискурсите кои заеднички ги развиваме околу тоа што се изведувачки уметности и што може тие да направат, информираат од „Локомоушн“.
Сите настани што се дел од „Кураторскиот програм“ се бесплатни. Програмата ќе почне вечер во 21 часот со промоција на книга и перформанс на познатиот шведски кореогра�� Мартен Спангберг, а се состои од работилници, дискусии, презентации, видео селекции, перформанси, претстави, кои ќе се одвиваат од 9 до 23 часот од 27 до 29 октомври во просториите на МКЦ.
Од 27 до 29 октомври гостите од Шведска, Ема и Маркус ќе готват вегетаријанска храна за посетителите на фестивалот.
„Локомоушн“ завршува на 29-ти октомври со забава во холот на МКЦ со ди-џеј сет на Мирко Попов од ПМГ Рекордингс.
|