27.10.2011, 11:52 Иванов: Спортот има моќ да сплотува
Ова го порача претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов синоќа на свеченото отворање на Петтиот меѓународен форум „Мир и спорт“ 2011, што под покровителство на принцот Алберт II од Монако се одржува во Монте Карло.
Спортот има моќ да сплотува, да го гради принципот на почит кон противникот и фер плејот, принципи кои особено денес им се потребни на политичките и бизнис елитите на глобален план. За сите нас ќе биде подобро ако овие спортски принципи се доминантни и во останатите сфери
Ова го порача претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов синоќа на свеченото отворање на Петтиот меѓународен форум „Мир и спорт“ 2011, што под покровителство на принцот Алберт II од Монако се одржува во Монте Карло.
Преку спортот, смета Иванов се гради позитивно однесување кај луѓето, се создаваат посветени поединци, кои пак преку него можат да придонесат за мирот.
- Од самиот почеток на човештвото, спортот, сфатен како натпревар на човечкиот дух, волја и физичка сила, се смета како замена за војна. Денеска, овде, на овој форум, спортот не го сфаќаме како замена за војна, туку како пат кон мирот. Преку неговата моќ да привлече, мобилизира и инспирира поединци, заедници и држави, спортот ни помага да ги промовираме идеите за мир, толеранција, правда, ненасилство и солидарност, истакна македонскиот претседател на форумот на кој беше претставен со уставното име на земјата.
Спортот, вели Иванов, има моќ да ги поврзува луѓето и нациите, да ги научи младите дека нема кус пат кон успехот и оти за него е потребна волја, упорност и работа.
Како потврда на ставот за моќта на спортот во сплотувањето, македонскиот претседател посочи неколку успеси на македонските спортисти, меѓу кои и последниот успех на македонската кошаркарска репрезентација на Европското првенство во кошарка, кои како што рече, ги направија горди сите македонски граѓани и ги обединија сите заедно во успехот.
- Затоа секој успех во спортот не мотивира и натаму да инвестраме во него, не само како во физичка активност, туку како начин на градење на позитивно однесување, посветени поединци кои преку спортот можат да придонесат за мирот, истакна претседателот Иванов, кој притоа потсети на забрзаното и зголемено инвестирање во спортот и спортските објекти во Македонија.
Во спортот, посочи Иванов, како и во мирот индивидуалното достигнување може да биде одлучувачко и може да го промени крајниот резултат, како што делата на посветена група поединци може да спречи избувнување на конфликт или да запрат постоечки.
Пред обраќањето на претседателот Иванов, како најава беше емитуван спот со видео порака на младиот кошаркар Огнен Стојановски.
На свеченото отворање на Форумот, се обратија и унгарскиот претседател Пал Шмит, кралот Летси III од Лесото, претседателот на Република Бурунди Пјер Нкурунзиза, како и Жоел Бузу основач и претседател на Организацијата за мир и спорт.
На маргините на Конференцијата во Монте Карло, за денеска се предвидени и билатерални средби на претседателот Иванов со претседателот на Република Унгарија, Пал Шмит и со принцот Алберт II од Монако. Претседателот Иванов на денешниот дел од конференцијата ќе учествува на првата пленарна сесија заедно со принцот Алберт Втори.
Меѓународниот форум за мир и спорт, инициран во 2007 година, има цел да придонесе кон одржување и негување на мирот во светот преку спортот, односно поттикнување на соработка и размена на искуства во насока на креирање конкретни иницијативи преку кои спортот ќе биде ставен во функција на мирот.
Досегашната успешност на форумот се должи на учеството на високи претставници од сферите на политиката, спортот, приватниот сектор, меѓународните организации и граѓанското општество, кои доаѓаат од сите страни на светот и кои се посветени на преземање активности за остварување на оваа цел.
|