27.10.2011, 12:20 Со „Метрополис“ на Фриц Ланг вечерва назад во иднината
Проекцијата на футуристичкиот филм ќе ја придружува Македонската филхармонија под диригентство на Хелмут Имиг
Култниот филм „Метрополис“ на Фриц Ланг, кој е целосно реставриран и тоа во неговата оригинална верзија од 1927 година, денеска, кога се одбележува Денот на аудиовизуелното наследство, ќе можеме да го видиме во Скопје. Во Македонската опера и балет ќе може да се проследи овој голем спектакл, кој по ланската премиера на Берлинскиот фестивал, отиде во многу европски градови. Во придружба на Македонската филхармонија, која го подготвува ова дело веќе две години и на кое работат стотина музичари, ќе биде прикажана 145-минутната верзија на немиот класик што изврши огромно влијание на филмската уметност, од својата појава, па се' до денес.
Кинотеката на Македонија и Македонската опера и балет, во соработка со Институтот Гете, направија и на нашата публика да и' биде достапна една ваква ексклузивна проекција во придружба на филхармонија, каква што веќе една и пол година се прикажува низ големите европски метрополи. Откако лани на Берлинскиот филмски фестивал, по цели 83 години од првата проекција на неверо��атниот футуристички филм, беше одржана премиерата во неговата комплетна верзија, не престана повторно распламтеното интересирање за остварувањето на големиот визионер Фриц Ланг. Посебно интересно беше тоа што овој филм, кој во 2001 година беше реставриран, целосно е комплетиран дури откако во 2008 година беше пронајден и последниот 30-минутен дел на 16 мм лента во архивата во Буенос Аирес. Тоа беше навистина неверојатно голем настан, кој во Германија доживеа вистинска сензација.
Лани во февруари, во исто време во Берлин и во Франкфурт беа одржани големите премиери на овој филм, придружени со нивните филхармониски оркестри. Во Берлин премиерата се случи на самото отворање на Берлинскиот фестивал кога посетителите можеа да го видат овој гламурозен спектакл во големата и прекрасна „Фридрихштад палас“, но истовремено и на завесата, која за таа цел беше поставена на Бранденбуршката порта.
|