28.10.2011, 11:11 Обама: Договорот на еврозоната ги смири светските пазари
Американскиот претседател Барак Обама денеска изјави дека спогодбата што ја постигнаа лидерите на еврозоната ги смири светските пазари и дека сега е важно државите да истраат на имплементацијата на спогодбата.
Обама, на почетокот на разговорите со чешкиот премиер Петр Нечас, изјави дека исходот од кризата во еврозоната дефинитивно ќе има влијание на американската економија.
- Доколку Европа не се развива, како наш најголем трговски партнер, тоа ќе има влијание врз нашите компании и нашата способност да создаваме работни места, овде во САД, рече Обама.
Министерот за надворешни рабопти на Грција Ставрос Ламбринидис во Вашингтон разговараше со американскиот државен секретар Хилари Клинтон, која го поздрави европскиот договор и контроверзниот грчки план за штедење.
Клинтон изјави дека промените и жртвите кои грчкиот народ ги прават се болни, но дека на долги патеки ќе и „ користат на Грција и на нејзините партнери, а најмногу на децата и идните генерации грчки граѓани“.
Ламбранидис ја пофали „исклучително значајната и корисна улога“ на САД во текот на кризата.
|