28.10.2011, 11:43 Одложено судењето на Иво Санадер за 3 ноември
Судењето на Иво Санадер е одложено за 3 ноември. Судскиот совет го прифати медицинското вештачење, според кое Санадер не е способен да го следи процесот.
Заклучувајќи го рочиштето судијата Иван Турудиќ рече дека не е во ред што обвинетиот својот коронарен преглед не го извршил пред почетокот на судењето.
- Засега тоа нема да го толкуваме како намера за одолговлекување на постапката, иако имавте два и пол месеци да ја санирате својата состојба, а сметавте на одлуката на истражниот судија за укинување на затворот затоа што не сте можеле да влијаете, утврди Турудиќ.
Процесот против поранешниот хрватски премиер Иво Санадер по обвинение за корупција, требаше да почне денеска во Загреб.
Тоа ќе биде првиот процес против поранешен премиер откако Хрватска објави независност во 1991 година и е првиот случај, во кој некој во земјата е суден за збогатување за време на војната.
Процесот се отвора во момент кога хрватското правосудство почна истрага против владејачката партија Хрватска демократска заедница (ХДЗ) поради наводни случаи на нелегално финансирање.
Санадер беше на чело на партијата меѓу 2000 и 2009 година и премиер во периодот меѓу 2003 и 2009 година.
Тој е обвинет дека зел незаконски средства од австриска банка за време на војната во Хрватска (1991-1995), додека бил заменик-министер за надворешни работи.
Според обвинителниот акт австриската банка „Хипо Алпе Адриа“ дала поткуп во износ од 480.000 евра на Санадер за време на преговори за кредит, доставен од банката на хрватската Влада.
|