27.10.2011, 12:48 Договор за соработка меѓу македонското и руското МВР
Македонската министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска и нејзиниот руском колеги Рашид Нургалиев, денеска во Москва го потпишаа Договорот за соработка меѓу Министерството за внатрешни работи на Република Македонија и Руската Федерација.
Ова е прв билатерален договор од ваков ранг меѓу двете министерства. Јанкулоска, како што соопшти МВР, истакна дека договорот е од особена важност за Република Македонија и претставува доказ за досегашната соработка и одличните перспективи за натамошно продлабочување на меѓусебните односи. Министерот Нургалиев, пак, го истакна рускиот интерес за изнаоѓање механизми за поефикасна операционализација на договорот и предложи формирање мешовити работни групи и редовни средби на највисоко ниво меѓу претставници на двете министерства.
Почнувајќи од јазикот и културата, тој нагласи дека двата народа и двете земји ги поврзуваат многу фактори и оти Русија ќе остане сериозен партнер на Република Македонија. Јанкулоска му заблагодари за подршката што Руската Федерација и досега ја даваше во борбата за зачувување на уставното име, прашање кое е од најголем интерес за Република Македонија.
Двајцата министри се согласија дека без разлика на големината, во 21 век сите земји се соочени пред истите предизвици и закани од глобалниот тероризам и екстремизам, недозволената трговија со наркотици, луѓе и оружје, но и новите форми на компјутерски криминал кои не познаваат граници. Размената на искуства и оперативни информации меѓу двете министерства, според Јанкулоска и Нургалиев, ќе придонесат за поефикасно справување со овие закани.
Министерката Јанкулоска, исто така, изрази заложба за натамошно олеснување на режимот на патување на граѓаните на двете земји и укинување на визите што би значело и подобра размена на стоки, услуги и знаења.
На покана на министерот Нургалиев, Јанкулоска попладнево ќе го посети 15-от јубилеен саем на опрема од областа на безбедноста во Москва на кој своите производи ги изложуваат над 400 руски и 25 меѓународни компании од 12 земји.
|