28.10.2011, 12:53 „Лебедово езеро“ ги отвора „Есенските музички свечености“
Од 1 до 30 ноември во рамките на манифестацијата ќе бидат изведени девет концерти на класична музика, еден балет и една оперска претстава.
Со една од најизведуваните балетски претстави од класичниот репертоар, „Лебедово езеро“ од Петар Илич Чајковски, во вторник во Македонската опера и балет во 20 часот, почнува годинашното издание на манифестацијата „Есенски музички свечености“. „Лебедово езеро“ ќе се изведе под диригентство на Едуард Амбарцумјан од Русија, а како солисти ќе настапат: Ивана Коцевска, Дмитро Чеботар од Украина и Јовица Бегојев од Србија.
Македонскиот балет соработува со Српско народно позориште и оттаму учеството на балетскиот уметник Јовица Бегојев во „Лебедово езеро“, кој првпат ќе настапи на македонската сцена. Ивана Коцевска, пак, првпат игра целосно во „Лебедово езеро“ толкувајќи ја улогата и на црниот лебед. Таа вели дека со Бегојев соработувале и претходно и за неа тој е извонреден играч од соседството. „Ми претставува чест што ќе играм на македонската сцена и ќе се потрудам најпрофесионално да ја исполнам својата задача“, вели Бегојев.
Организатор на „Есенски музички свечености“ е Дирекцијата за култура и уметност од Скопје. Манифестацијата ќе трае до 30 ноември и во нејзини рамки ќе бидат содржани 11 настани. И годинава, Дирекцијата соработува со националните институции, Операта, Балетот и Ансамблот за народни песни и игри на „Танец“, кој ќе одржи концерт под наслов „Незаборав - класика во народната музика“, на кој ќе бидат застапени изворни песни, староградски и современи.
Од останатите содржини на „Есенските свечености“ се и концертот на пијанистката Бранка Парлиц од Србија, која е и професор на Музичката академија во Нови Сад, потоа солистичкиот концерт на виолинистката Ана Кондратенко, на Семи Сталхамер (виолина), Изабел Бломе (виолончело) и Марија Ѓошевска (пијано), концертот на студентите од Факултетот за музичка уметност, кој ќе биде посветен на творештвото на тројцата значајни македонски композитори - Властимир Николовски, Тома Прошев и Стојан Стојков, на Ристо Ѓоревски (кларинет) и Елена Атанасовска Ивановска (пијано), концертот на пијанистот Кристијан Каровски, како и на шведскиот квартет на саксофони „Ролин Фонс“. На манифестацијата ќе биде изведена и оперската претстава „Севилскиот берберин“, во режија на Димитрие Османли, а под диригентство на Алесандро Д’ Агостини од Италија. Во операта ќе настапат солистите: Владимир Андриќ од Србија, Ана и Игор Дурловски, Благој Нацоски, Ернес Ибраимовски, Марика Поповиќ, Драган Ампов и Кристијан Антовски. Фестивалот ќе заврши на 30 ноември со концертот на гостите од Албанија, Дорина Ларо (виолончело) и Кристина Петролари Лацо (пијано).
|