27.10.2011, 12:23 Металург го освои и „Борик“
Уверлива победа и над Борац во Бања Лука од 31:26 во Регионалната лига.
Ракометарите на Металург во Бања Лука ја продолжија серијата победи во Регионалната лига, совладувајќи го Борац со 31:26 во натпреварот од шестото коло и со тоа задржувајќи ја челната позиција на табелата. Македонскиот првак во текот на целиот меч ги диктираше играта и резултатот, поведувајќи со 4:0 на почетокот, потоа со 12:6, за на одморот да замине со предност од 16:10, најмногу по заслуга на Наумче Мојсоски. Најдобриот стрелец во Лигата на шампионите во првото полувреме постигна осум од своите десет гола на средбата во која „металурзите“ во 54 минута ја досегнаа највисоката предност од 29:19.
Со оваа победа Металург го одмазди Вардар про, кој беше убедливо совладан во салата „Борик“ на стартот од СЕХА-лигата. Истовремено, му го расипа расположението на домашниот тренер Драган Марковиќ дента кога беше именуван за наследник на Восилав Раѓа на клупата на босанската репрезентација.
Натпреварот почна со една минута молчење во чест на неодамна починатата ракометна легенда Исток Пуц, кој во својата кариера го има носено и дресот на Борац од Бања Лука. (Р.Д.)
Борац - Металург 26:31
Полувреме: 10:16. Сала: „Борик“ во Бања Лука. Гледачи: 2.200. Судии: Јуриновиќ и Мрвица од Хрватска. Седмерци: Борац 0/2, Металург 2/3. Исклучувања: Борац 4 мин., Металург 6 мин.
Борац: Блажевиќ (9), Љубишиќ (2+1), Хаселјиќ, Саблјиќ 1, Паниќ 3, Тешиќ 1, Стојановиќ, Микиќ 3, Мандиќ 1, Шубара 1, Обрадовиќ 4, Карачиќ 5, Тривунџа 2, Челиќ 1, Ѓукиќ 4, Врањеш. Тренер: Драган Марковиќ. Металург: Станиќ (8), Ангелов (3), Ракчевиќ 4, Левов, Димовски 1, Марковиќ 4, Георгиевски 2, Манасков 1, Миркуловски 4, Маркоски, З. Мојсоски, Н. Мојсоски 10 (2), Стоилов, Батиновиќ 2, Јоновски, Алушовски 3. Тренер: Лино Червар.
Табела на СЕХА-лигата: Металург 16 (-1), Нексе 14, Загреб 13 (-2), Вардар про 13, Татран 9 (-2), Борац 9 (-1), Металопластика 9 (-1), Ловќен 9 (-1), Босна 7 (-3), Црвена звезда 3 (-2), Извиѓач 3 и Сутјеска 0.
|