23.10.2011, 18:49 Ракометарките убедливо поразени во Анталија
Македонската женска ракометна репрезентација го претрпе првиот пораз во квалификацискиот циклус за пласман на европското првенство во Холандија следната година. На гостувањето кај Турција нашите ракометарки загубија со 36-28.
Одбраната на Македонија беше на катастрофално ниво, а ниту во нападот не бевме ништо подобри. Македонија беше рамноправна само до резултат 5-5, во првите десетина минути, а потоа Турција притисна и со цврста одбрана и противнапади стигна до 11-7. До крајот на полувремето тоа беше веќе огромна предност за Турчинките, кои водеа со 20-13.
Во 45 минута од мечот, Македонија имаше огромна негатива од 32-19, а потоа со серија од 4-0, успеа барем малку да ја намали негативата. На крајот, пораз од 36-28 и многу главоболки за Гино Стрезовски и за нашите најдобри ракометарки.
Мирјета Бајрамовска со 10 гола беше прв стрелец во македонскиот состав.
За Македонија ова е прв пораз во квалификациите, во првото коло ја победивме Литванија која денеска во вториот натпревар во нашата група ја пречекува Франција. Французинките се на добар пат да имаат максимален ефект по двете кола, победата над Турција да ја дополнат со триумф над Литванија.
|