26.10.2011, 15:03 Светска банка ќе ни гарантира за 100 милиони евра
Од Канцеларијата на СБ во Скопје објаснуваат дека нивната гаранција ќе го намали ризикот за инвесторите и ќе обезбеди поповолни услови
Нина Нинеска-Фиданоска
Светска банка има намера да се јави како гарант за најголемиот дел од заемот што планира да го земе државава на меѓународниот пазар, и тоа конкретно за износ од 100 милиони евра. Ова вчера го соопштија за „Утрински весник“ од Канцеларијата на Светска банка во Скопје, потенцирајќи дека гаранциите се инструменти на СБ, исто како што се и инвестициските заеми и заемите за развојни проекти. Од таму нагласуваат дека преку нивната гаранција Македонија ќе добие кредит во време кога фондовите се затворени за сите, како и дека таа ќе и' обезбеди на земјава далеку поповолни услови.
Откако од неодамна почна да се споменува оваа можност - Светска банка да се јави како гарант за кредитот што би го зела земјава, одделни кругови почнаа да ја поставуваат дилемата дали оваа институција станува своевиден наш финансиски ментор или, пак, нејзината соработка со Македонија е редовна и вообичаена како и со други држави во светот?
Домашните власти ��еновиве се' погласно заговараат користење на „нов инструмент“ токму од Светска банка, како начин на кој би ги обезбедиле потребните 130 милиони евра за покривање на дел од буџетскиот дефицит. Тоа следуваше откако стана сосема јасно дека условите на меѓународните пазари не се воопшто добри и дека доколку Македонија сака да се задолжи преку класична емисија на еврообвзрница, сигурно ќе треба да плати преголема цена, односно висока камата на позајмените средства. Од тие причини, еврообвзрницата како полека да се исфрла од игра, како еден од можните начини за задолжување во странство.
Од Канцеларијата на Светска банка во земјава вчера за „Утрински“ ги расчистија дилемите околу мотивите за гаранцијата што би ја дала оваа институција, како и за целите што со неа ќе се постигнат.
„Гаранциите, вклучително и гаранциите базирани на политики, се инструменти на Светска банка, исто како и инвестициските заеми и заемите за развојни политики. Одликата на гаранциите е што тие се употребуваат за катализација на приватните финансиски средства за проекти во земјите во развој, преку ублажување на критичните ризични фактори кои приватните инвеститори не сакаат да ги преземат. Слично како и заемите за развојни политики, Гаранцијата е инструмент за поддршка на програмите на владите што треба да го поддржат растот и да ја намалат сиромаштијата. На тој начин, преку употребата на гаранцијата, земјите имаат корист и од развојните цели на проектот, како и од востановените односи со приватните инвеститори, што ќе биде важно за идниот развој. Поспецифично, гаранциите базирани на политики се насочени кон поддршка на буџетот и ги штитат приватните инвеститори од ризици“, објаснуваат од Канцеларијата на СБ во земјава.
Според оваа институција, земјата ќе има корист од овој инструмент, и тоа на три начини. „Тој ќе го подобри пристапот до пазарот и ќе ги диверзифицира изворите на финансирање, со тоа што ќе и' овозможи на Македонија пристап до финансии од банковниот пазар на заеми. Македонија до сега позајмуваше за потребите на буџетот од пазарите на обврзници, но не и од пазарите на кредити, каде што учесниците и условите се малку поразлични. Второ, предложената гаранција ќе и' овозможи на Македонија да издаде релативно обемен заем од 130 милиони евра, од кои 100 милиони би биле гарантирани од Светска банка. Конечно, гаранцијата ќе ги подобри условите на заемот. Во сегашните пазарни услови, заштедите можат да се движат меѓу 300 и 400 процентни поени, а гаранцијата ќе и' овозможи на Македонија да земе заем во време кога фондовите се затворени за сите“, потенцираат од Светска банка.
Вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески деновиве изјави за медиумите дека до средината на ноември прецизно ќе се знае колкав кредит ќе се бара и од каде. Според него, најизвесно било дека ќе се користи нов инструмент од Светска банка, а како резервна опција е заемот од Меѓународниот монетарен фонд, кој се' уште не бил потрошен. „Со еден нов оригинален модел да излеземе на пазарот за да добиеме средства по многу пониска цена од таа што реално би ја платиле, ако ја немаме Светска банка како партнер. Имаме добри релации таму, добро ги познаваме нивните инструменти. Тие имаат на располагање инструменти што може да ги користат земјите доколку тоа знаат да го направат. Ќе искористиме дел од инструментите што ги дава СБ на располагање“, објасни министерот.
Пред околу две недели директорката во Светска банка за Западен Балкан, Џејн Армитаџ, во интервју за Гласот на Америка изјави дека СБ е задоволна со развивањето на македонската економија по глобалната рецесија од 2009 година, како и дека прогнозира пораст на БДП меѓу 3 и 4 отсто за годинава. Таа ја истакна ниската задолженост на Македонија во јавниот сектор, како фактор за солидна макроекономска политика. „Македонија има многу пониска задолженост во јавниот сектор, меѓу 25 и 26 отсто. Во регионот има земји со 45 проценти задолженост, па дури и 60 проценти. Поради долгогодишна солидна макроекономска политика, Македонија е поотпорна на новите кризи“, изјави Армитаџ. |