27.10.2011, 13:51 Тепачка во италијанскиот парламент
Причина била забелешката дека сопругата на Умберто Боси, лидерот на Северната лига, се пензионирала на 39 години.
Италијанските парламентарци буквално се фатија за гуша кога зовреа тензичните преговори околу новите реформи за штедење во средата. Пратениците од Северната лига, која е дел од владејачката коалиција, се степаа со членови на опозициската партија ФЛИ на спикерот Џанфранко Фини, фаќајќи се за гуша додека други партиски членови побрзаа да ги разделат, информира Ројтерс од Рим.
Сесијата мораше да биде прекината на неколку минути, веројатно за да се смират страстите. Тепачки меѓу парламентарци не се вообичаена појава во Северна Америка, но тие се случуваат со алармантна редовност во некои други парламенти, како во Тајван и во Јужна Кореја.
Очигледно, во овој случај италијанските парламентарци приговорија на саркастичните коментари дадени на телевизија од Фини, тврдејќи дека сопругата на Умберто Боси, лидерот на Северната лига, се пензионирала на 39 години. „Постои клима на насилство и на нетолеранција“, Амедео Киканти од партијата УДЦ за Ројтерс. „Треба да се смириме бидејќи Италијанците се поиритирани во врска со ова отколку што тоа сме ние“.
Тепачката се случи кога беа објавени информациите дека премиерот Силвио Берлускони, долго време поларизирана личност во италијанската политика, ќе се повлече како дел од преговараниот договор со Северната лига, објави весникот „Ла република“.
Во замена за тоа, Северната лига, наводно, ќе се согласи да ја зголеми старосната граница за пензионирање на 67 години до 2026 година, клучно барање од ЕУ-партнерите на Италија пред да се согласат да ги поддржат италијанските обврзници. (Фајненшел пост)
|