28.10.2011, 12:16 Одбраната на Брејвик бара намалена казна
Адвокатите на норвешкиот масовен убиец Андерс Беринг Брејвик, кој на 22 јули изврши терористички напади и масакар на островот Утоја и во Осло, денеска ќе ја презентираат стратегијата на одбраната, пренесува дописникот на МИА од Гетеборг.
Се очекува адвокатите да побараат намалување на казната за Брејвик, меѓу другото поради лошата подготвеност и безбедност на Утоја и пред седиштето на норвешката Влада во Осло.
Интернет изданието на норвешкиот весник „Верденс ганг“ пишува за повеќе причини поради кои ќе се бара намалување на казната. Една причина е дека Брејвик го признал стореното дело и дека детално раскажал како ги подготвувал и извршил терористичките атентати.
Поаѓајќи само од овој факт, Брејвик според норевешките закони, како што тврдат неговите адвокати, би можел да добие 30 проценти намалување на казната.
Еден друг важен момент, кој зборува во прилог на ублажување на казната што ќе му биде изречена на Брејвик, е дека тој самиот двапати ѕвонел од островот Утоја, сакајќи да и се предаде на полицијата.
Уште еден аспект кој се очекува да биде актуелизиран од адвокатите е дека лошата безбедност, во комбинација со бавната интервенција на полицијата, придонеле Андерс Беринг Брејвик да може да го изврши масакрот.
Но, норвешкиот приофесор по криминологија, Нилс Кристи, не верува дека намалување на казната за такво стравично злосторство е можно.
„Тоа би било како да се обидете да го наполните Атлантскиот океан со кафено лажиче“, вели тој.
|