27.10.2011, 15:32 Претседателот Иванов се сретна со принцот Алберт Втори од Монако
Македонскиот претседател Ѓорге Иванов денеска во Монте Карло имаше средба со принцот Алберт Втори од Монако, со кого разговараше за можностите за унапредување на меѓусебната соработка меѓу двете земји во сите сфери од заемен интерес, особено културата спортот и туризмот.
На средбата, што се одржа на маргините на Петтиот меѓународен форум „Мир и спорт“, чиј покровител е принцот Алберт, претседателот Иванов запознал принцот со туристичките потенцијали на Македонија како земја во која со векови се вкрстувале цивилизации и која изобилува со исклучително историско и културно наследство, јави известувачот на МИА.
Шефот на македонската држава со принцот од Монако разговарал за состојбите во Македонија и регионот, при што го запознал со стратешките цели на земјата за евроатланска интеграција и предизвиците со кои се соочува на тој пат.
Се согласиле дека во иднина активностите треба да се насочат кон изнаоѓање конкретни форми за интензивирање на билатералната економска соработка.
Земајќи ги предвид интересите на Монако за подводни истражувања, претседателот Иванов му понуди на принцот Алберт Втори соработка за подводни истражувања на богатата и ендемска флора и фауна на Охридското Езеро.
Претседателот Иванов ги поздрави напорите на принцот Алберт, посветени на поддршката на мирот преку спортот и покровителство на форуми како овој, на кој учествуваат високи претставници на држави и меѓународни организации.
Претседателот Иванов на принцот Алберт му подари дрес на македонската кошаркарска ререзентација со неговото име и икона со Свети Климент.
Претходно, македонскиот претседател присуствуваше на пленарна сесија на Форумот, што се одржува под покровителство на принцот од Монако, а синоќа имаше обраќање на неговото свечено отворање.
|