28.10.2011, 13:33 За 30 денари добила 125.000 евра
Среќниот добитник на третата седумка на лото уплатена во Битола е една жена која пополнила ливче со само две комбинации од по 15 денари.
Која ли е среќната битолчанка која преку ноќ, уплатувајќи лото ливче со само две комбинации од 30 денари, стана милионерка добивајќи околу 125.000 евра ? Дали можела и да помисли дека некогаш во својот живот ќе има толку пари, дека ќе ги реши своите финансиски проблеми благодарејќи на лотото и на фамозните седум бројки кои успеала да ги погоди со толку малку комбинации. Веројатно ќе ги памети цел живот : 8, 10, 11, 14, 20, 22 и 24.
Среќната добитничка вчера се јавила во „Државната лотарија“ интересирајќи се кога ќе може да ја наплати добивката, каква е процедурата, колку ќе треба да плати данок на оваа сума.
„Во телефонскиот разговор со новата битолска милионерка не дознавме многу податоци за неа, како на пример, дали редовно игра лото, дали секогаш пополнува исти комбинации, дали порано добила некоја сума на лото, го гледала ли извлекувањето, како се чуствувала во моментот кога дознала колку пари ќе добие...“, ни раскажа директорката за маркетинг на „Државната лотарија“, Камелија Левенска. Вети дека повеќе ќе разговараме кога жената ќе дојде д�� ја подигне наградата. Дали ќе сака да остане анонимна или ќе се претстави на пошироката јавност, тоа е нејзино дискреционо право што го гарантира „Државна лотарија“.
Според правилата на игрите на среќа, за исплата на главната премија мора да мине законскиот рок од три дена, од денот на објавувањето на официјалниот извештај за извлекувањето во дневниот печат, поради евентуалните приговори доколку ги има. Досега, откако ливчињата се проверуваат компјутерски, никогаш не се случило да има било каков приговор за големите награди, бидејки грешките се исклучени. Потоа следуваат уште пет дена за други формалности. Добивката со одбивање на 10 отсто данок на секој играч се исплатува на неговата трансакциска сметка од било која банка. (М.М.) |