27.10.2011, 14:10 Вожњачки број 1 за 2011 година
Шарапова се повлече од мастерсот во Истанбул, Бартоли ќе ја замени.
Марија Шарапова се откажа од натамошно учество на завршниот турнир на осумте најдобри тенисерки во оваа година што се игра во Истанбул вреден 4,9 милиони евра. Русинката донесе ваква одлука по поразот од На Ли во второто коло со 7:6, 6:4 (на стартот загуби и од Саманта Стосур) со образложение дека не може да продолжи поради повреда на скочниот зглоб. Наместо неа ќе игра Французинката Марион Бартоли која во третото коло во т.н. Бела група ќе ги одмери силите со Викторија Азаренка од Белорусија. Со откажувањето на Шарапова данската тенисерка Каролина Вожњачки го осигура првото место на ВТА листата на крајот на годината.
Белорусинката Азаренка ја забележа првата победа во Истанбул. За 78 минути игра таа славеше над Стосур со 6:2, 6:2. Азаренка, многу посвежа од Австралијката, доминира во текот на целиот меч во секој поглед. Дозволи само една можност за брејк, што нејзината противничка не ја искористи, а таа реализира четири.
Во Црвената група имаше само еден меч во вториот натпреварувачки ден во Истанбул. Во него Звонарева ја совлада Вожњачки со 6:2, 4:6, 6:3 по што обете тенисерки сега имаат по еден триумф и пораз.
Завршен ВТА турнир во Истанбул, 2. коло, резултати
Бела група: Ли (Кина) - Шарапова (Русија) 7:6, 6:4, Азаренка (Белорусија) - Стосур (Австралија) 6:2, 6:2. Табела: Аазаренка 2, Лил 2, Стосур 2, Шарапова 0.
Црвена група: Звонарева (Русија) - Вожњачки (Данска) 6:2, 4:6, 6:3. Табела: Квитова 2, Вожњачки 2, Звонарева 2, А. Радванска 0.
Шарапова го пропушта и финалето во Федерејшн купот
Марија Шарапова ја нема ниту во репрезентативниот состав на Русија за финалниот дуел во Федерејшн купот против Чешка што ќе се одигра на 5 и 6 ноември во Москва. Предводничка на „зборнаја“ ќе биде шестата светска тенисерка Вера Звонарева, а покрај неа во екипата се уште и Анастасија Пављученкова, Светлана Кузнецова и Марија Кириленко. Рускиот селектор Шамил Тарпишев сакаше да се потпре на тимот што во полуфиналето во април ја елиминира Италија, бранител на тронот во ова натпреварување, со 5:0. Единствената промена е Екатерина Макарова на чие место во составот сега влезе Кириленко.
Селекторот на Чешка, Петр Пала, за финалето ги повика третата тенисерка во светот Петра Квитова, Лусија Сафарова, Лусија Храдечка и 36 годишната Квета Пешке.
Во периодот од 2004 година до 2008 година Русија освои четири титули во Федерејшн купот од можните пет. Чешка, пак, во Москва ќе се обиде да стигне до својата прв самостоен трофеј. Последен пат чешките тенисерки славеа во 1988 година кога настапуваа за поранешна Чехословачка.
|