21.10.2011, 11:09 Металург на крилјата на публиката до втора победа во ЛШ
Македонскиот ракометен шампион вчеравечер ја оствари втората победа во Лигата на шампионите, а до неа дојде во неизвесен финиш на дуелот со Висла со 31:27, иако на полувреме „металурзите“ имаа седум голови предност.
„Во првиот дел одигравме речиси перфектно. На полувремето на играчите им кажав дека не е се готово и дека Висла е екипа која може да се врати. Во второто полувреме моите играчи за малку ќе ја искомпликуваа работата, бидејќи играа помалку со глава, а повеќе со емоции. Добро е што во вистински момент добивме поддршка од трибините“, истакна тренерот на Металург, Лино Червар на прес-конференцијата по натпреварот.
Натпреварот во „Спортскиот центар Борис Трајковски“ се одигра пред 5.500 гледачи. Домаќините одиграа одлично прво полувреме кога буквално го надиграа ривалот. На самиот почеток екипата од „Автокоманда“ го отвори натпреварот со серија од 4:0 и по нецели 6.минути Металург водеше 5:1. Тимот беше предводен од расположениот во нападот Наумче Мојсоски кој во првиот дел постигна 7 голови, а голманот Дарко Станиќ знаеше да ги запре ударите на ривалите. Во второто полувреме Металург поведе и со 19:10 што беше највисоко водство, но тогаш македонскиот шампион застана, а се разиграа гостите. Најпрвин со серија од 4:0 го намалија водството, а во последните десет минути во три наврати Висла дојде и до еден гол негатива. Во клучните моменти кога се „кршеше натпреварот“ голманот Петар Ангелов имаше две одбрани (контра и пенал). Последните пет минути се повторно за Металург со серија од 4:0 и два гола на Жарко Марковиќ со играч помалку, победата беше обезбедена.
Најефикасен на натпреварот беше Наумче Мојсоски со 12 голови, Гоце Георгиевски постигна 5, а Жарко Марковиќ и Стевче Алушевски постигнаа по 4. Голманите имаа вкупно 15 одбрани, Станиќ 12 и Ангелов 3.
Кај гостите Висла, Боштјан Каваш и Никола Еклемовиќ постигнаа по 5 голови.
По четири одиграни натпревари Металург со 5 бодови е на второто место на табелата зад Хамбург кој има 6, а пред Цимос Копер и Висла кои имаат по 4, Санкт Петерсбург 3 и Констанца е без бод.
Од Ц групата в недела се игра дуелот Цимос Копер - Хамбург, додека во средата Санкт Петерсбург - Констанца 27:25.
Металург следниот натпревар од 5.коло го игра дома на 19 ноември со Констанца.
|