20.10.2011, 14:10 Германија и Франција поделени околу спасот на еврото
Германија и Франција се поделени околу прашањето за спас на еврото и се заканува блокада, која би можела да наштети и на самитот, најавен за недела во Брисел, оценува германскиот весник „Шпигл“, по повод синоќешната средба на германската канцеларка Ангела Меркел и францускиот претседател Никола Саркози со ЕУ политичарите во Франкфурт.
- Ова беше драматична ноќ. Меркел и Саркози дојдоа во Франкфурт на нервозно закажаната, кризна средба. Нервозната организација на средбата покажува колку е сериозна ситуацијата пред состанокот в недела, а Саркози го пропушти и раѓањето на своето дете, оценува весникот „Шпигел“.
Весникот наведува дека двете земји имаат различни ставови и дека одлучувачките точки од недоразбирањето на двете најзначајни европски земји, неколку дена пред самитот, се далеку една од друга и тоа толку што изгледа дека заедничката линија на долг рок е загрозена.
Франција се залага за лиценца на банките за фонд за спас на еврото, додека владата во Берлиин, според изјавите на германските официјални лица, го фаворизира моделот на „делумна каско“ заштита.
„Шпигел“ пишува дека на страната на германската Влада досега била и Европската централна банка и оценува дека меѓу Германија и Франција се заканува блокада кога станува збор за спас на еврото, и нагласува дека нема информации дали за оваа точка е разговарано на синоќешната средба.
Според германската страна, станува збор за отворени прашања за стабилизација на еврото, истакнува весникот, пренесувајќи ја изјавата на еден од портпаролите на германското Министерство за финансии, кој во Берлин изјави дека постојат екстремно интензивни дискуси, екстремно интензивни конференции, телефонски разговори и средби.
Меркел и Саркози неодамна во Берлин најавија дека Германија и Франција до крајот на месецот ќе имаат опширен предлог за решавање на евро кризата и за борба против финансиската криза, и изразија подготвеност за поддршка на загрозените банки.
Сепак, никој од нив не изнесе детали од програмата, но најавија дека заедничкиот план ќе биде готов до крајот на месецот кога и ќе биде претставен заедно со една нова визија за Европа.
Тие изразија одлучност двете земји да се грижат за стабилноста на еврото и на почетокот на самитот на Г-20, на почетокот на ноември во Кану, да претстават силно евро.
- Тој самит мора да биде успешен, изјави Меркел, додека Саркози истакна дека Германија и Франција за сите постоечки теми имаат заеднички ставови и оти во нив е вклучена и Грција.
|