19.10.2011, 14:02 АЕК воведе услуга „Преглед на понуди“
Агенцијата за електронски комуникации (АЕК) денеска промовира услуга „Преглед на понуди“ со која корисниците на телекомуникациските услуги можат да ја одберат најсоодветната понуда од операторите врз основа на буџетот со кој располагаат.
Услугата, која ги содржи сите понуди на пазарот на електронски комуникации на сите оператори во мобилната и фиксната телефонија, на интернет провајдерите и радио и ТВ дифузерите, АЕК ја постави на нова веб страна www.komuniciraj.mk. На тој сајт корисниците ќе може да поставуваат прашања за работата на Агенцијата која е должна да им одговори во рок од еден ден. Новина е и можноста да доставуваат приговори и во електронска форма.
„Преглед на понуди“, според раководството на АЕК, се воведува заради заштита на граѓаните од можните замки, скриени трошоци и нецелосни информации, при избор на оператор од фиксната и мобилната телефонија, телевизија и интернет. Со внесување неколку податоци, како што е избор на оператор и износ кој корисникот сака да го плаќа на крајот на месецот, софтверот што го изработи АЕК дава одговор кој оператор ја има најдобрата понуда.
- Со поставувањето на страната www.komuniciraj.mk како и со воведувањето на услугата „Преглед на понуди“ корисниците на електронските комуникации, сега имаат можност на едно место, многу брзо и прегледно, врз основа на унифицирани параметри и цени, да добијат детални информации за понудите од операторите кои ги бараат но, и да добијат препорака од АЕК, кој е соодветниот пакет за нив, врз основа на претходно внесените податоци, појасни Орданоски.
На овој начин, додаде тој, ќе им помогнеме на граѓаните од дома да си ги планираат своите буџети и да можат во секое време да ги знаат најновите тарифни модели. За таа цел тим на АЕК во соработка со операторите ќе го ажурура сајтот постојано.
Според Орданоски, сите активности и нови услуги на АЕК се во насока на заштита и информирање на крајните корисници со цел да се создаде квалитетен пазар на електронски комуникации.
|