20.10.2011, 12:57 Вејн Шортер вечерва го отвора „Скопски џез-фестивал“
Покрај ѕвездениот бенд на живата легенда Шортер, во кој членуваат и Данило Перез на пијано, Џон Патитучи на контрабас и Брајан Блејд на тапани (на сликата), вечерва ќе настапат и Бразилците Алесандро Пенеци на гитара и Алешандре Рибеиро на кларинет, како и триото „Коренте“
По двете претфестивалски вечери кои се одржаа во понеделникот и вторникот во МОБ, вечерва и официјално почнува јубилејното, 30. издание на „Скопскиот џез-фестивал“. Во Универзалната сала во 20 часот, љубителите на џезот ќе имаат можност да присуствуваат на два концерти, од кои едниот е на легендарниот њујоршки саксофонист Вејн Шортер, најголемиот жив џез композитор, кој во Скопје доаѓа со својата ол-старс формација. Пред квартетот на Шортер ќе настапат Бразилците Алесандро Пенеци на гитара и Алешандре Рибеиро на кларинет. Во киното „Милениум“, пак, на полноќ, е резервиран концертот на триото „Коренте“ од Бразил.
Соработката помеѓу бразилците Пенеци и Рибеиро е нова, но веќе испишува уште една значајна страница во историјата на бразилската музика. Пенеци свири гитара уште од седумгодишна возраст, но освен класичната гитара, тој свири и на укулеле, мандолина, тенор гитара, но и на неколку дувачки инструменти. Дејствува и како композитор, а на неговиот последен албум од 2010 година „Cordas ao Vento“ на кој е потписник на десет теми, гостува токму Алешандре Рибеиро кој за мошне кусо време, иако млад, успеа да си обезбеди место меѓу најголемите мајстори на својот инструмент.
Највлијателниот џез-музичар на денешнината, Вејн Шортер, на сцената во Универзална ќе го придружува неговиот ѕвезден бенд: Данило Перез на пијано, Џон Патитучи на контрабас и Брајан Блејд на тапани. Вејн Шортер е роден во Њујорк во 1933 година, и активен е од средината на 50-те одбележувајќи ја работата на три легендарни џез-состави, паралелно развивајќи успешна соло кариера. Од 1959 до 1964 ќе биде член на составот „Jazz Messengers“ на Арт Блеки, станувајќи музички директор на најглавниот хард-бап бенд во историјата на џезот. Во 1964 година, пак, на повик од страна на Мајлс Дејвис, а по препорака од Џон Колтрејн, внесува свежа крв во неговиот тогашен квинтет во кој ќе членуваат и Херби Хенкок, Рон Картер и Тони Вилијамс. Овој состав е оценет како еден од највлијателните во целокупната историја на џезот, а тоа се должи пред се на учеството на Шортер како главен композитор. Мајлс Дејвис ќе го опише како „интелектуален музички катализатор“ на составот. По распаѓањето на оваа група, Шортер со Мајлс ќе учествува во раѓањето на џез-рокот, работејќи на албумите „In a Silent Way“ и „Bitches Brew“. Во 1970 година основа уште еден значаен бенд заедно со Џо Завинул. Станува збор за „Weather Report“ најуспешниот фјужн состав на сите времиња во кој ќе ги помине следните 15 години. Со овој состав ќе биде остварен дефинитивниот спој на џезот со рок и фанки елементите, придружени со богато користење на етничката традиција од целиот свет. Во текот на 60-тите години на минатиот век ќе сними 11 албуми за „Blue Note“, кои се сметаат за задолжителна џез-колекција на секој познавач на џезот. Заминувањето од „Ведер рипорт“ ќе значи нов почеток на соло-кариерата на Шортер, најпрвин во доменот на електричниот, а потоа и на акустичниот џез. Ќе соработува со новите пријатели Карлос Сантана и на Маркус Милер, но и со старите како Хенкок и Џони Мичел. Во 2000 година го формира актуелниот квартет со ѕвездите Перез, Патитучи и Блејд кој се смета за водечки акустичен џез-состав денес. Сите музичари на групата се наградени со Греми, а Шортер оваа престижна награда ја има дониено дури девет пати.
Бразилското боса-нова-самба трио „Коренте“ е своевиден ол-стар бенд во кој членуваат Еду Рибеиро на тапани, Фабио Торес на пијано и Пауло Паулели на бас. Нивниот истоимен деби-албум претставува храбро препрочитување на највисоките дострели на композиторите кои се олицетворение на богатството на бразилската музика како Жобим и Пишингиња. (Т.И.)
|