26.09.2011, 15:11 Почина Серџо Бонели - авторот на Загор, Мистер Но и Дилан Дог
Серџо Бонели, творецот на стрип јунаците Загор Те-неј, Мистер Но, Дилан Дог и многу други незаборавни ликови со кои растеа генерации љубители на стрипот, почина денеска во Монца на 79 години.
Од татко му Џан-Луиџи, кој го креираше ликот на Текс Вилер, во 1957 година ја наследи издавачката куќа која во наредните неколку децении стана центар за масовно ширење на стрип културата, и тоа не само во Италија.
Успешната кариера ја почна во 1961. кога првпат го нацрта ликот на Загор, а во 1975. почна да излегува Мистер Но, првиот јунак на Бонели кој не беше сместен на Дивиот Запад. Крајот на осумдесетите го одбележа големиот успех на Дилан Дог, кој доживеа и филмска екранизација.
Стриповите на Бонели беа незаобиколен дел и од популарната култура на поранешна Југославија, а ги издаваа „Дечје новине" од Горни Милановац во едициите Златна серија и Лунов Магнус Стрип.
|