24.09.2011, 16:49 Две претстави и концерт денеска на МОТ
Вечерашната програма на МОТ ќе започне со прикажување на претставата „Медеја“ од режисерот Овлиакули Кодјакули на театарското студио „Eski Masjid“ во 20 часот на сцената на МКЦ.
Станува збор за современ театарски спој на текстови од различни автори и од различни времиња, напишани врз база на античка приказна за жена која е гатачка, волшебничка и вештерска владетелка. Режисерот ги извлекува конфликтот и тагата на Медеја преку транс- половата поделба на улогите и вештата употреба на моќниот централноазиски пејачки стил.
За во 22 часот во клубот „Хавана“ е закажана претставата „Брод за кукли“ од режисерот Милена Марковиќ на театарот „Wonderland“ од Македонија. Оваа претстава е бајковидно патување низ светот на приказните за Снежана и седумте џуџиња, Златокоса, Ивица и Марица, Алиса во земјата на чудата и други. Во неа играат Ирена Ристиќ, Игор Ангелов, Николина Кујача, Славиша Кајевски, Благој Веселинов и Наташа Петровиќ.
За крај на четвртата вечер концерт ќе изведи групата „Ла Колони Волвокс“ со почеток во 22.30 минути во МКЦ. „Ла Колони Волвокс“ постои од 2002 година, а досега има издадено 4 албуми кои се движат од традиционалните песни до амбиеталната музика и фри-џез.
|