01.10.2011, 18:30 Култното германско дуо „Маус он Марс“ вечерва на „Десонанз“
Пред „Маус он Марс“, вечерва во живо ќе настапи и унгарскиот продуцент Габор Лазар, а вечерта со свој сет ќе ја затвори познатиот македонски ди-џеј Мирко Попов
Култното, ексцентрично електронско дуо од Германија, „Маус он Марс“ вечерва ќе настапи во клубот Хавана во рамките на третото издание на фестивалот за електронска музика и медиумска уметност наречен „Десонанз“. Фестивалот се реализира во организација на Гете-институтот - Канцеларијата за врски во Скопје и Здружението на граѓани „Домино“.
Електронското познато дуо од Диселдорф, Јан Вернер и Анди Тома, наречено „Маус он Марс“, е активно од 1993 година и својата најголема популарност ја стекна кон крајот на 90-тите години. Нивната музика, која во себе содржи различни влијанија од повеќе музички правци, па и жанрови, ја опишуваат како мешавина на диско, амбиент, краутрок... Покрај електрониката, користат и конвенционални инструменти како гитара, тапани, бас, гудачи. Членовите на „Маус он Марс“ велат дека создаваат звучен хаос. Ова дуо максимално ги искористува можностите на електронската музика, па затоа и не е чудно што го нарекуваат „бенд пред времето“.
Пост-техно двоецот Вернер и Тома ги опишуваат како занесени по новите достигнувања, но тоа сепак, не им е приоритет во создавањето на музиката, туку како што и самите велат, важно е таа да звучи добро. Тие создаваат уникатна комбинација на конкретни, познати и апстрактни елементи и затоа е мошне тешко нивната музика да се опише со еден збор. Едноставно, таа е „друга димензија“. „Маус он Марс“ досега имаат објавено девет албуми, како и голем број синглови, а фантастичните Вернер и Тома работат и на самостојни проекти.
Пред „Маус он Марс“, вечерва во живо ќе настапи и унгарскиот продуцент Габор Лазар, а вечерта со свој сет ќе ја затвори познатиот македонски ди-џеј Мирко Попов.
|