27.09.2011, 12:12 Литванската „Ромео и Јулија“ вечерва на МОТ
На 36. Млад отворен театар вечерва гостува литванскиот ОКТ театар од Вилнус со претставата од три и пол часа „Ромео и Јулија“ на режисерот Оскарас Коршуновас, кој лани на МОТ гостуваше со „Сон на летната ноќ“.
„Ромео и Јулија“ на ОКТ од Вилнус добила многу награди на престижни театарски фестивали. Програмскиот селектор на МОТ Дејан Пројковски рече дека во оваа претстава режисерот ги поместува границите на сценската уметност.
Коршуновас (1969) ја модернизирал средновековната трагедија на Шекспир. Дејството се случува во кујна на пицерија, а два тима, а не семејства, се натпреваруваат во инвентивност.
„Ромео и Јулја“ е последна од деветте странски претстави што оваа година учествуваа на МОТ. Од отворањето на 21 септември гостуваа две претстави на Андраш Урбан од Суботица („Турбо пардизо“ и „Брехт хардкор машина“), Младинско гледалишче од Словенија со „Злосторство и казна“ и монодрамата „Последниот танц на Нижински“, „Чекалница“ на чешкиот режисер Вилијам Дочоломански, „Медеја“ од Узбекистан и „Господа Глембаеви“ на Ателје 212 од Белград.
Покрај „Ромео и Јулија“, вечер на МОТ ќе има и една домашна претстава - „С��угинки“ на „Но нејм театар“, а фестивалот завршува утре со две претстави од македонскиот независен театар - „Јас љубам, Бог“ на „Буден театар“ и „Неверство“ на „ЦК театар“.
|