03.10.2011, 15:06 Википедија на македонски јазик надмина 50.000 статии
Потребно е да повеќе луѓе да се приклучат и уредуваат за енциклопедијата да расте.
Википедија на македонски јазик достигна 50.000 статии што претставува важен јубилеј во историјата на проектот. Статијата со која се достигна бројката е за перуанската покраина Акомајо, создадена во неделата, во 13:26 часот, од страна на корисникот MacedonianBoy.
Википедија на македонски јазик ја пишуваат волонтери од целата земја, но и од дијаспората. Некои од нив посветуваат часови од своето слободно време на уредување на содржините на енциклопедијата. Корисници со најголем број на уредувања се Никола Стојаноски од Тетово и Александар Поповски од Струмица, кои уредуваат од 2007 година. Александар започнал да уредува бидејќи барал дополнителни информации за светската историја, кои ги немало на македонски јазик: “По четири изминати години можам да кажам дека лично поседувам многу повеќе знаење не само од областа на историјата, туку и од културата на разни народи и цивилизации.” “Википедија имаше едвај 15.000 статии кога јас се приклучив на тимот. Доволно долго следев како се развива проектот и денес со гордост можам да кажам дека успеавме да дадем�� солидна подлога за понатамошниот развој на првата слободна енциклопедија на македонски јазик”, вели Никола Стојаноски. Тој, како и сите други македонски Википедијанци, се радува на досега сработеното и се надева дека во иднина кон проектот ќе се приклучат многу повеќе вики-ентузијасти.
За развојот на Википедија на македонски јазик придонесуваат и повеќе универзитетски професори со своите студенти, независно или во соработка со Министерството за информатичко општество и администрација.
Првото уредување на Википедија на македонски јазик е направено во април 2003 година, но на енциклопедијата навистина започнува да се работи од 2005 година. Денес, Википедија претставува единствена онлајн енциклопедија на македонски јазик достапна за корисниците ширум светот.
И покрај тоа што 50.000-тата статија е извонредно постигнување, вистинската работа допрва следи. Според последните статистики, на македонската Википедија работат само десетина многу активни уредувачи (корисници кои придонесуваат со сто или повеќе уредувања месечно) и 50-тина активни уредувачи (корисници кои придонесуваат со барем пет уредувања месечно). Затоа, популаризацијата на проектот и зголемувањето на бројот на активни уредувачи останува главна цел на Викимедија Македонија, локалниот огранок на Фондацијата Викимедија кој го поддржува развојот на Википедија.
"Википедија на македонски јазик е дело на вредни уредувачи од најразлични стручни профили ангажирани на доброволна основа кои секојдневно се грижат за зголемување на слободните содржини и нивното подобрување. Зголемувајќи го фондот на информации кои слободно се споделуваат правиме знаењето да биде слободно и достапно до сите." - вели Димче Грозданоски, претседател на Викимедија Македонија, повикувајќи ја македонската јавност да земе што помасовно учество во проектот.
Македонските Википедијанци ќе се соберат на меѓусебно дружење на 6 октомври (четврток) во 18 часот, во кафе-барот "Менада” (лоциран во скопската чаршија) и ги покануваат сите заинтересирани за Википедија да присуствуваат на средбата.
|