20.10.2011, 14:00 На „Браќа Манаки“ по 2.500 гледачи дневно
На годинашниот фестивал во Битола имаше презентација на Студиото ФХ3Х и отворање на изложбата „Капетан Нитрат“
Сунчица Уневска
Битола - „Браќа Манаки“ се' повеќе се претвора во фестивал што има многу поголема мисија од вообичаената, да направи пресек на најновата филмска продукција во светот и да ја прикаже работата на директорите на фотографија.
Синоќа во Битола, за првпат во Македонија, беше презентирана работата на Студиото за визуелни ефекти ФХ3Х. На фестивалот пристигна еден од коосновачите на ова Студио, Кристијан Даниловски, кој се наоѓа на чело на развојот на визуелните ефекти и компјутерската графичка анимација во Македонија. Младите битолчани покажаа големо интересирање за работата на ФХ3Х, кое постои веќе 14 години, а седум години работи на високобуџетните холивудски проекти.
„Авијатичарот“, „Терминатор: Спасување“, „Златен компас“, „Трансформерси 3: Темната страна на месечината“, „Притаено зло“, „Последниот еирбендер“ , се само дел од проектите на ова студио кое последниве две години соработува со реномираната куќа на Џорџ Лукас „Индустријал лајт енд меџик“ (ILM). Младите беа заинтересирани за тоа на кој начин работи оваа компанија и како кадар по кадар успева да ја направи магијата на филмското платно, со која македонските артисти станаа конкурентни во врвот на холивудската продукција.
За одбележување на „Браќа Манаки“ беше и отворањето на изложбата посветена на стрипот „Капетан Нитрат“ или „Кратки (?) резови“ во познатата битолска „Магаза“. Интересно е дека главниот лик во овој стрип, чии автори се Борислав Станоевиќ и Александар Сотировски, капетан Нитрат е заштитник на филмот од неговите историски и естетички почетоци. Тој е замислен така што на единствен и ефектен начин, низ јазикот на графичката новела, сериозните содржини и проблеми на филмската архивистика и филмските архиви, како и историјата на филмот, да и ги приближи на пошироката публика.
Стрипот содржи 108 стрип табли, од кои во „Магаза“ се озложени 32. Изложбата во Битола е одлично посетена, а одлично помина и отворањето за кое во Битола пристигна Зоран Пеневски, стрип-сценарист и писател, одличен познавач на стрип-уметноста. На отворањето зборуваше и Сотировски, кој рече дека „Браќа Манаки“ со отворањето на оваа изложба се претвора во вистински промотор на стрипот во Македонија, чија сцена е во таква состојба, што дефинитивно и треба поддршка.
Фестивалот во Битола продолжува со исто темпо, со феноменална атмосфера и одлична посетеност. Големо интересирање од филмовите во главна програма имаше за турскиот „Беше еднаш во Анадолија“ на Нури Билге Џејлан, за шпанскиот „Жив закопан“ на Родриго Кортес и за канадскиот „Пожари“ на Денис Вилнев. Од програмата „Нови визии“ добар прием имаа германскиот „Ако не ние, кој?“ на Андрес Вајел и турскиот „Зефир“ на Белма Баш. А прексиноќа се случи и премиерата на краткиот македонски филм „Митот за Сара“ на Саша Станишиќ. Дневно посетеноста на „Браќа Манаки“ е 2.500 гледачи. Според податоците од Домот на културата, досега имаше 11.000 посетители, а до крајот се очекува бројката да се искачи над 15.000 или 16.000 гледачи.
|