19.10.2011, 13:13 Косово до крајот на 2011 ќе почне преговори за визна либерализација
Европската комисија очекува до крајот на годинава да започне преговори за визна либерализација со Косово, изјави еврокомесарката за внатрешни работи Сесилија Малмстром.
- Се надеваме дека до декември оваа година ќе добиеме одговори на прашата кои не загрижуваат и се надевам дека пред почетокот на божиќните празници ќе бидеме во можност да започнеме со Косово дијалог за визна либерализација, истакна Малмстром на трибината за искуствата во примената на безвизниот режим за земјите од Западен Балкан во Брисел.
Малмстром истакна дека граѓаните на Косово се единствените во регионот кои не можат без визи да патуваат во Шенген зоната, нагласувајќи дека тие се уште не ги исполниле сите потребни услови, но дека остваруваат голем напредок.
- Секако дека нашата намера не е да го оставиме Косово како изолиран остров во Западен Балкан, изјави еврокомесарката.
Малмстром потсети и за проблемите со лажните азиланти од земјите од Западен Балкан, истакнувајќи дека во најголем дел станува збор за Роми.
- Ние знаеме дека Ромите се уште не се третирани на соодветен начин, дека се уште има многу дискриминација и сме во контакт со владите за надминување на тој проблем, изјави таа.
Според Малмстром, и покрај се безвизниот режим со државите од Западен Балкан функционира многу добро и истакна дека секојдневно сретнува луѓе кои се среќни што може слободно да патуваат во Европа.
|