20.10.2011, 15:35 Исток Пуц ја изгуби битката со ракот
Ракометниот великан од ексјугословенските простори Исток Пуц почина на 45-годишна возраст по неколкумесечно тешко боледување.
На левиот бек со разорен удар, кој има играно за три репрезентации, пролетоска му беше дијагностициран рак на белите дробови, кој потоа го зафати црниот дроб. Тој се лекуваше во САД, каде што завчера ја изгуби битката со болеста. Неговите пријатели собираа пари за да му помогнат, за таа цел се одигра и хуманитарен натпревар, а нему му беше наменет и целокупниот приход од претстојниот дуел во Лигата на шампионите меѓу Загреб и Барселона.
Роден во Словењ Градец, Пуц има бронзен медал од Олимписките игри во Сеул 1988 со СФР Југославија, злато со Хрватска на Олимпијадата 1996 во Атланта, а на ОИ 2000 во Сиднеј играше за Словенија. Во хрватскиот дрес има освоено и светско сребро на Исланд 1995 и европско злато во Португалија 1994.
Пуц играше за словенечките клубови Целје и Пруле, за Борац од Бања Лука, а најголемиот клупски успех го оствари со Загреб. Токму со неговиот погодок во финалето против германски Валау во 1993 година, загрепчани го одбранија трофејот во тогашниот Куп на европските шампиони.
|