21.10.2011, 11:33 Легендата Чарлс Лојд, Мирослав Витоуш и „Фајр“ на Скопски Џез-Фестивал
Контрабасистот Мирослав Витоуш и легендарниот саксофонист Чарлс Лојд со нивните состави, како и групата „Фајр“, се вечерашните концерти што во рамките на „Скопскиот џез-фестивал“ ќе се одржат во Универзалната сала во 20 часот, односно во киното „Милениум“ на полноќ.
Мирослав Витоуш е еден од најистакнатите европски контрабасисти, по потекло од Чешка, кој делува на американската сцена долги години. По дипломирањето на Конзерваториумот во Прага добива стипендија за студии на музичкиот колеџ „Беркли“ во Бостон и заминува во САД. Во 1966 година се сели во Њујорк каде што почнува неговата соработува со врвни музичари како Чик Кореја, Мајлс Дејвис, Стен Гец, Чарли Маријано... Во 1970 година станува дел од оригиналната постава на „Weather Report“ со Вејн Шортер и Џо Завинул. Во 1982 година повторно ќе ги обедини Кореја и Хејнс и со нив ќе настапува низ светот реализирајќи два албума за етикетата „И-Си-Ем“. Неколку години подоцна се враќа во Прага каде што снима албум со својот брат, а во Скопје ќе го претстави својот последен проект „Remembering Weather Report“ од 2009.
По Вејн Шортер, Чарлс Лојд е втората г��лема личност што ќе настапи годинава на СЏФ. Овој саксофонист, флејтист и композитор (1938) е еден од најголемите лидери и импровизатори на сите времиња, непресушен мислител кој со иновациите ќе ги помести границите на џезот. По тинејџерските блуз искуства, школувањето во Лос Анџелес и учењето на занаетот кај старите џезери, Лојд ќе формира сопствен квартет (1965) во кој се и Кит Џерет, пијано, Сесил Мекби, контрабас и Џек Дижонет, тапани. Во тоа време Лојд ќе биде избран за најдобар џез-музичар. По распаѓањето на квартетот (1970) Лојд ќе исчезне од џез-сцената, но потоа и поради болест. Ќе се врати кон крајот на 80-те и целосно ќе и се посвети на музиката. Ќе стане ексклузивец на „И-Си-Ем“ и редовно ќе издава со разни формации. Неговиот последен албум „Мирор“ (2010) е прогласен за плоча на годината во магазинот „Џез Тајмс“. Во Скопје ќе настапи со истата екипа со која што го сними овој албум: пијанистот Џејсон Моран, басистот Рубен Роџерс и тапанарот Ерик Харланд.
Шведската супергрупа „Фајр“ која ќе настапи на полноќ во „Милениум“, ја сочинуваат Матс Густафсон на саксофон, Јохан Бертлинг на бас и Андреас Верлин на тапани. Иако станува збор за џез-трио, во нивниот звучен израз се чувствува и гаражен рок до фри-џез. Црпејќи инспирација од копањето руда, огромните мотори на камионите, шведската електро-акустична музика, како и широкиот дијапазон на креативна гараж-рок и фри-џез музика, „Фајр“ создаваат нов јазик и нови модели на правење импровизаторска музика. (Т.И.)
|