21.10.2011, 13:37 Непозната судбината на синот на Гадафи, Сеиф ал Ислам
НАТО не располага со точни информации за судбината на најекспонираниот син на поранешниот либиски лидер Моамер Гадафи, Сеиф ал Ислам, изјави денеска британскиот министер за одбрана Филип Хамонд.
- Немаме никакви информации за неговата судбина. Вчера претставници на либискиот Преоден национален совет изјавија дека тој е заробен, но потоа не информираа дека Сеиф ал Ислам не е кај нив. Не знам каде се наоѓа овој син на Гадафи сега, рече Хамонд.
Телевизијата Ал Арабија вчера јави дека Сеиф ал Ислам Гадафи бил заробен од припадници на силите на Преодниот национален совет (ПНС) и префрлен во реонот на медитеранскиот град Злитан, на 160 километри источно од Триполи и дека тој најверојатно е ранет. Подоцна, претставник на ПНС соопшти дека 49-годишнито Сеиф ал Ислам „бега кон југ“ кон границата на Либија со Нигер.
Сеиф ал Ислам е најстар син од вториот брак на Гадафи. Тој по професија е архитект и инженер, образование стекнато во велика Британија и Австрија и има докторирано на Лондонската школа по економија. Сиеф ал Ислам беше претседател на меѓународниот хуманитарен фонд „Моамер Гадафи“.
Досега официјално е потврдена смртта на тројца синови на Гадафи, Сеиф ал Араб, Хамис и Мутасим.
Сеиф ал Араб, заедно со тројца малолетни внуци на Гадафи, загина при воздушнен напад на силите на НАТО ноќта меѓу 30 април и 1 мај. Хамис загина пред една недела при вооружени судири кај градот Тархун, а Мутасим беше убиен вчера при заробувањето на Моамер Гадафи.
Саади Гадафи минатиот месец побегна во Нигер, а останати двајца синови Ханибал и Мохамед, заедно со ќерката и сопругата на поранешниот либиски лидер, Ајша и Сафија, уште од август се наоѓаат во Алжир. сп/13:09
|