21.10.2011, 14:53 Спомен куќата на Тоше меѓу трите најдобри светски објекти на интернет
Денеска напладне е завршена првата фаза од гласањето на интернет кое треба да заврши на 4 ноември, а се смета за придружна манифестација на престижниот Фестивал на архитектурата во Барселона.
Спомен-куќата на Тоше Проески во Крушево, која од 2 до 4 ноември ќе биде презентирана на Светскиот фестивал на архитектурата во Барселона, се наоѓа меѓу трите најдобри објекти за кои светската јавност гласа по електронски пат на веб- страницата http://openbuildings.com/peoples_choice/waf/leaderboard.
Денеска напладне е завршена првата фаза од гласањето на Интернет кое треба да заврши на 4 ноември, а се смета за придружна манифестација на престижниот фестивал. Во последните 20 дена, македонскиот објект го зазема второто или третото место меѓу идејниот концепт „Атмосфера“ во Калкута и во Музејот на меморијата и на толеранцијата во Мексико Сити. Вчера бил на трето место, а од утрово веќе е на првото место. Трите објекти се дел од претходно селектираните 704, од вкупно пристигнатите повеќе од 1.000 објекти што конкурираат за главната награда, најдобар објект на светот за 2011 година по избор на светската публика. Наградата не е материјална, но се смета за многу значајна за промоција пред современата архитектонска фела. И таа ќе биде доделена на 4 ноември.
Република Македонија со овој објект, дело на „Синдикат студио“, односно на архитектите Дејан Спасеновски, Дејан Секуловски и на Илија Божиновски, со поддршка на Министерството за култура за првпат учествува на оваа најголема светска изложба и презентација на изведени објекти, идни проекти и структурални дизајни за тековната година во светот.
Селектирањето на пристигнатите објекти го извршила реномирана комисија составена од докажани експерти во својата област, меѓу кои се и светски познатите архитекти Бен ван Беркел и Мајкл Соркин.
„Имавме среќа годинава да испратиме труд и да ни го прифатат по првото селектирање, а во меѓувреме Фестивалот афирмираше награда за најдобар објект по избор на светската публика. Се надевам дека со поддршка на јавноста, иако немавме такви амбиции, ќе успееме да стигнеме можеби и до наградата“, изјави вчера на средба со новинарите архитектот Дејан Секуловски.
Тој потенцираше дека со изборот на Спомен-куќата на Тоше во конкуренција за изложбата и со можноста објектот да биде виден рамо до рамо со врвот на светското архитектонско творештво, се покажува дека Македонија има високвалитетен инженерски кадар кој има што да покаже и надвор од локалните рамки.
Спомен-куќата на Гумење, од отворањето на 25 април досега, ја посетиле 110.000 луѓе. Овој објект идниот месец ќе го претстави „Синдикат студио“ и на изложбата на Интернационалното биенале „Леонардо“ во Минск. (К.Б.)
|