21.10.2011, 11:46 Грчкиот парламент ги изгласа мерките за штедење
Пратениците од грчкиот парламент синоќа го усвоија законот кој предвидува дополнителни мерки за штедење, намалување на платите, повисоки даноци и нови отпуштања на работниците.
Неговотo усвојување има клучно значење за добивање на следната транша од осум милијарди евра од минатогодишниот меѓународен заем за Грција од вкупно 109 милијарди евра за спасување и избегнување на банкротот.
Грчкиот премиер Јоргос Папандреу отпатува за Брисел на состанокот со лидерите на ЕУ каде во недела, на 23 октомври ќе се обидат да се договорат за мерките кои што ќе оневозможат должничката криза да излезе од контрола. Другиот самит за кризата би требало да биде одржан во среда на 26 октомври.
Додека парламентарците гласаа за законот, пред законодавниот дом имаше жестоки протести и судири, во кои едно лице починало од срцев удар, а повредени се 74-ца. Околу 500 маскирани екстремисти пред парламентот ги нападнале луѓето кои демонстрирале со камења и молотови коктели. За да ги раздели судрените страни, полицијата употреби солзавец.
Вработените во пристаништата за денеска најавија нов 48-часовен штрајк, што значи дека до недела бродовите ќе останата во пристаништата, каде инаку веќе владее хаос. Според податоци на синдикатите, на вчерашниот втор ден од генералниотштрајк во Грција, учествувале околу 150 илјади демонстранти во целата држава.
|